Островот Бугенвил
оригинално објавено на: 21 February 2013
Иако очите на светската јавност и геополитичката ажурираност тешко го забележувале политичкиот процес во геополитички неактивниот регион на Меланезија, сепак политичката ситуација со Бугенвил која се интензивирала низ последните неколку децении заслужува место калеидоскопот на геополитички проблеми и процеси дури од, практично кажано, глобално реноме.
Ситуацијата со островот Бугенвил има критичко значење за целата светска геополитичка подреденост. Тоа е така, гледано од неколку аспекти. Најпрво, Бугенвил, односно автономната област Бугенвил е пример за едно бескласно, хоризонтално подредено општество, што практично се изедначува со анархија. Второ, Бугенвил е еден од практичните докази дека економијата, односно „ловот по ресурси“ ја фрла целата хипокритична сенка врз денешните модерни и демагошки настроени општества, кои во името на профитот и напредокот на економски план, ја жртвуваат животната средина, а сето тоа го спречуваат да стане достапно и видливо за целиот свет.
Меѓутоа денешниот глобализиран свет ги прави нештата глобални, без разлика дали геополитиката гледа интерес во нивно распространување и добивање на тежина или не. Па така, со силата на глобализацијата на информатички план, проблемот со Бугенвил добил место во геополитичката структурираност во светот. Можеби сеуште не добива статус за политички дискусии за меѓународно ниво, меѓутоа неговото значајно место во модерната поп култура, токму поради тоа што служи како пример дека едно општество навистина може да биде бескласно, станува значаен дел од напредокот на Бугенвил и неговиот удел во креирањето на политиката во Океанија воопшто.
Бугенвил, географски припаѓа на Соломоновите Острови. Впрочем, денешната Автономна Област Бугенвил, била позната како Северни Соломонови Острови. Неговата најмаркантна историја започнува со неговото колонијално минато. До почетокот на Првата светска војна, бил дел од германскиот колонијален посед во Океанија. Откако Австралија го окупирала како дел од австралиските ангажмани во светската војна, по завршувањето на истата и бил поделен како мандатна територија. Во Втората светска војна повторно е дел од воените маневри, и е окупиран од империјалистичка Јапонија. Повторно бил вратен под Австралиска управа, се до независноста на Папуа Нова Гвинеја во 1975 година, кога припаднал под нејзина управа. Носител на геополитичката завршница во Бугенвил е објавата за независност на Бугенвил. Тоа се случило два пати, во 1975 година и во 1990 година. И во двата наврати откако била прогласена независноста, избувнала граѓанска војна.
Автономната област Бугенвил зафаќа површина од 9 300 километри квадратни. Областа е составена од Островот Бугенвил (8 800 километри квадратни), кој е и најголем остров во Соломонската група острови; островот Бука, втор најголем остров во автономната област (околу 500 км квадратни) како и од уште неколку острови кои се поделени во административни окрузи. Во автономниот Бугенвил живеат околу 175 000 луѓе (проценка од 2000 година). Бугенвил е населен од Бугенвилци, кои припаѓаат на меланежанското етничко семејство. Се зборуваат околу 30 јазици.
Главните сепаратистички движења на островот Бугенвил се појавиле откако една од најголемите светски рударски корпорации, Рио Тинто започнала да ги експлоатира големите резерви на бакар на островот. Експлоатацијата почнала во раните седумдесетти години од минатиот век, кога бил отворен рудникот Пангуна, своевремено најголемиот рудник за бакарна руда во светот.
Рударската активност оставила катастрофални последици. Нарушен бил екосистемот на островот, а Бугенвилците, веднаш почнале да ги чувствуваат промените претставени во голема загаденост на водите на островот, што практично им го отежнувал нивниот секојдневен живот, кој за разлика од модерните светски репери, им е тесно поврзан со природата и природните текови. Експлоатирањето на рудникот ја нарушил во голема мера природната средина, меѓутоа корпорацијата, поддржана од властите на Папуа Нова Гвинаја и Австралија, немала намера да го напушти профитабилниот ангажман на островот.
Всушност, Австралија добивала голем процент од профитот од рудникот, за разлика од локалното население кое, заедно со природата, ги трпело последиците.
Првата независна објава завршила по неколку месеци, откако на Бугенвил му бил гарантиран статус на провинција, односно некој вид на автономија од штотуку независната Папуа Нова Гвинеја. Меѓутоа, Во 1988 година, после долги години на експлоатација, населението од Бугенвил, односно сопствениците на земјиштето, од австралиската корпорација која го обработувала рудникот (под капата на Рио Тинто) побарале оштета од 11.3 милијарди долари, како компензација за деструкцијата и загадувањето на островот.
Под водство на Франсис Она, во ноември истата година, населението на Бугенвил се кренало на бунт против понатамошната експлоатација на островот и неговата „бавната смрт“. Папуа Нова Гвинеја во меѓувреме ја отповикала одлуката за автономија на Бугенвил, што претставувало знак за воена состојба на островот. Спорниот рудник прекинал со работа во 1989 година. И токму тогаш, властите во Папуа Нова Гвинеја одлучиле дека ситуацијата на островот Бугенвил е „опасна по нивната безбедност“. Во годините што следат откако рудникот бил затворен, следни вистинска политичка драма со крајно нехумани елементи.
Политичката ситуација од интерес на безбедноста од страна на Папуа Нова Гвинеја и Австралија била составена со мобилизација на војска, морнарица и авијација, која треба да се бори против силите на Бугенвил, кои за волја на вистината биле крајно мотивирани, иако имале само примитивни воени орудија, надополнети со запленетото оружје од првите денови на револуцијата предводена од Она.
Војната била објавена во јануари 1990 година, а Армијата на Папуа Нова Гвинеја, поддржана од Австралија била поразена и деморализирана уште во март, истата година. Подоцна, во Мај, револуционерите од Бугенвил ја прогласуваат независноста на Бугенвил. Пред да биде потпишана спогодбата за мир во 1998 година, ќе изминат осум години во кои Папуа Нова Гвинеја и Австралија тотално ќе го блокираат островот, држејќи ја опсадата (ембаргото), дури и за најнеопходни медицински потреби на населението. Во меѓувреме, се случувале чести напади на цивилни цели, од војската и од платените убијци кои биле ангажирани да помогнат во напорите на Папуа Нова Гвинеја и Австралија за прокламирање на нова надлежност над побунетиот остров и повторно рестартирање на рудникот.
Осумте години на тотална блокада и околу 15 000 жртви на страна на Бугенвил довеле до крајната завршница и мирот во областа. Бугенвил останал независен, а првите избори биле спроведени во 2005 година, кога за Претседател бил избран Џозеф Кабуи, директен учесник во долгогодишниот конфликт против армијата на Папуа Нова Гвинеја и Австралија.
Првиот Претседател Џозеф Кабуи, кој важел како личност – икона меѓу народот во Бугенвил, починал во 2008 година. Тој, иако Претседател, бил само обичен граѓанин кој учествувал во Бугенвилското секојдневие, односно бил само обичен контрибутор во анархистичкото општество. По неговата смрт, следат неколку нови „лидери“. Актуелен Претседател на Бугенвил е Џон Момис, избран во 2010 година.
Автономната Област Бугенвил ја очекува одлука и референдум за тотална независност во следните неколку години (најверојатна завршница до 2015 година).
Бугенвил веројатно ќе биде прокламиран како независна држава по референдумот. Меѓутоа, повторно може да се зборува за декоративна улога на државноста на островот и државниот удел во општеството во Бугенвил.
Народот во Бугенвил живее доста подобро откако била отфрлена опресирачката власт на Папуа Нова Гвинеја и корпорацијата која го искористувала бакарот и златото Меѓутоа, навиките на Бугенвилците не се смениле воопшто. Кај нив не постои вертикална хиерархија. Нивните автентични традиционални навики на живот строго поврзани со природата им овозможуваат да бидат надвор од системот, односно од општествата кои се стандардизирани по западни теркови, за кои нема место во општества во кои важат сам природните закони.
Автономната област Бугенвил е класичен пример за анархија во пракса. И покрај сите теории дека општество надвор од вертикална хиерархија не е возможно, сепак малиот остров од Меланезија ги побива сите теории и аспекти на нужноста од систематско распоредување на општеството и воведување на нормите. Од друга страна, пак, Бугенвил е доказ дека ресурсите ја имаат главната улога во креирањето на политиката во светот. Ресурсите, ја имаат главната цена која од геополитички аспекти, кои се далеку од хуманизмот, е далеку поголема од човечкиот живот и кршливоста на природата. Меѓутоа, анархизмот во Бугенвил, освен тоа што е пример за денешните систематски општества, е пример дека човекот и природата можат и покрај се, да забележат извесна хармонија.
ЛИТЕРАТУРА:
Australia Natural resources
http://science.jrank.org/pages/663/Australia-Natural-resources.html
Coconut Revolution, The (Bougainville story)
Китевски, Г. (2012): Географски аспекти на геополитичките проблеми и процеси на XX и XXI век, Магистерски труд, Институт за географија, ПМФ – Скопје (ракопис)
Michael J. Field (1998) Chronology of Bougainville Civil War
http://www.hartford-hwp.com/archives/24/157.html
Автор: м-р Горан Китевски