Олимп – планината на боговите
оригинално објавено на: 06.05.2013
Планината Олимп – се издигнува до 2917 мнв и претставува највисока планина во Грција и втора по височина на Балканскиот полуостров. Позната е како дом на 12-те Олимписки богови од старогрчката митологија и се наоѓа на границата помеѓу Тесалија и Македонија, на околу 100 km оддалеченост од градот Солун. Во 1938 година е прогласена за прв национален парк во Грција. Морфологијата на планината се карактеризира со стрмни падини и остри врвови одделени со длабоки кањони, како резултат на климатските осцилации и последователните ерозивни процеси кои се случувале во минатото, а се одвиваат и денес. Во највисоките делови на планината, над 2000 мнв, доминантно место во обликувањето на релјефот завземале климатските, глацијалните, периглацијалните и геофизичките процеси. Северниот дел на масивот се карактеризира со пострмни падини и подобро развиена хидрографска мрежа во споредба со јужните делови.

Со оглед на поволната местоположба близу морскиот брег, планината Олимп е особено популарна меѓу алпинистите, планинарите и љубителите на природата од целиот свет. Во текот на годината илјадници посетители уживаат во убавините на овој планински масив. Иако постојат повеќе планинарски рути кои водат до највисоките делови на Олимп, особено популарни се двете од источната страна.

Првата се нарекува рута ‘E-4’ и започнува од малото градче Литохоро, минувајќи низ кањонот на реката Енипеас се до паркингот Приони на 1060 мнв. Од таму продолжува до планинарскиот дом ‘Spilios Agapitos’ на 2100 мнв, каде вообичаено планинарите ноќеваат пред да појдат кон највисоките планински врвови. Домот е на одлична местоположба, среде борова шума и со прекрасен поглед кон морето, па престојот овде е особено доживување. Цената за ноќевање изнесува околу 10 евра, а домот има и одлична понуда на храна и пијалоци по прифатливи цени. Од домот патеката продолжува кон врвовите Скала (2866 мнв), Сколио (2912 мнв) и Митикас (2917 мнв) до каде се стигнува за неколку часа.

Втората рута започнува од паркингот Горциа, што се наоѓа на патот помеѓу Литохоро и Приони. Од овде следи долг трекинг до домот ‘Petrostrouga’ на околу 2000 мнв, по што набрзо се излегува над шумската граница и преку еден долг гребен се стигнува на платото на музите (2500-2600 мнв). На платото се наоѓаат два планинарски дома: ‘Giosos Apostolidis’ сместен на 2700 мнв и располага со 100 кревети и одлични услови за сместување, а отворен е од јуни до октомври. Вториот дом е ‘Christos Kakalos’ со капацитет од 25 луѓе и особено популарен помеѓу алпинистите. Од платото на музите повеќе рути и насоки водат кон двата најпопуларни и најатрактивни врвови на планината: Митикас (2917 мнв) и Стефани (2909 мнв).

Олимп е прекрасен во текот на целата година, меѓутоа достапен за повеќето планинари само во текот на топлиот период од годината од јуни до октомври, период кога се отворени и планинарските домови. Во изминатите години многупати сум престојувал на Олимп, секогаш со особено задоволство и уживање. Оваа година имав можност за прв пат и во зимски услови да го освојам Митикас – покривот на Олимп со своите 2917 мнв, нешто со кое малкумина планинари можат да се пофалат. Пишувајќи го овој текст се присетувам на многубројните авантури и доживувања од оваа прекрасна планина, па не ми останува ништо друго освен да ви дадам совет што поскоро да ја посетите и да уживате во убавините кои ги нуди. Навистина вреди!
Пишува: Александар Кирковски