27 March 2025
АктивностиГеовестиСвет

Од 26 до 30 август, во Келн се одржа 32-от светски географски конгрес

оригинално објавено на: 05 September 2012

По период од повеќе од 100 години Светскиот географски конгрес оваа година повторно се одржа  во Германија.. Под слоганот Down to Earth, Келн од  26 до 30 Август 2012 година беше домаќин на над 2200 географи од целиот свет кои со своите научни трудови расправаа за современите проблеми на човештвото. Во програмата на Конгресот главно беа издвоени четири теми на расправа: глобалните промени и глобализацијата; општеството и животната средина; ризици и конфликти и урбанизацијата и демографските промени. Исто така во текот на неделните случувања беа реализирани повеќе од 400 сесии каде главна цел беше да се изнајдат одговорите на прашањата:

  • Кои се влијанијата на глобалните промени врз нашата околина и здравјето?
  • Што може да се преземе за да се спречат природните катастрофи? И
  • Како треба да изгледа одржливиот град во иднина
Слика 1.

Во програмата на Конгресот големо внимание привлекоа и воведните предавања на д-р Klaus Töpfer (поранешен сојузен министер за животна средина и поранешен извршен директор на УНЕП), д-р Martin Lees (Клуб на Рим) и д-р Eduardo de Mulder (УНЕСКО Меѓународната година на планетата Земја). Истовремено организаторите посветија големо внимание на промовирање, поттикнување и подржување на работата на младите истражувачи како носители на географската наука во иднина.

Слика 2.

Оваа година Институтот за географија при ПМФ, придавајќи му посебна важност на овој „празник на географската наука“, го поттпомогна присуството на свои членови на Светскиот конгрес. Со тоа се создаде можност на Конгресот непосредено да биде преставен трудот ПРОЦЕСОТ НА ДЕМОГРАФСКА И ЕКОНОМСКА ПОЛАРИЗАЦИЈА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА од авторите проф. д-р Мирјанка Маџевиќ, проф. д-р Билјана Апостоловска Тошевска и асс. д-р Дејан Илиев. Присуството и претставувањето беше голема чест како за авторите, така и за Институтот за географија, како матична куќа и колевка на географијата во Република Македонија во изминативе 90 години.

Конгресот се одржа во просториите на Универзитетот во Келн. Во негова реализација учествуваа голем број на студенти волонтери кои се погрижија за пријатната и гостопримлива атмосфера.

Автор: д-р Билјана Апостоловска Тошевска