27 March 2025
АктивностиАрхива

Од 12-15 септември во Охрид ќе се одржи голем меѓународен симпозиум во организација на МГД

оригинално објавено на:  27 January 2013

Во организација на Македонското географско друштво, од 12 до 15 септември оваа година, во Охрид ќе се одржи меѓународен научен симпозиум на тема: „Проблеми и перспективи на ридско-планинските подрачја“. Се очекува на симпозиумот да бидат опфатени поголем број на теми поврзани со природните, социо-демографските, економските, еколошките и другите аспекти на ридско-планинските подрачја, да се нагласат изразените проблеми, но и да се предложат можни решенија за соодветен, одржлив развој и користење на овие простори. За таа цел се предвидени повеќе работни сесии и тоа:

Слика 1.
  • Природни ресурси и користење на земјиштето во ридско-планинските подрачја;
  • Демогеографски проблеми на ридско-планинските подрачја;
  • Политика на економски и регионален развој на ридско-планинските подрачја;
  • Картографија и ГИС во функција на развој на ридско-планинските подрачја;
  • Инфраструктурни проблеми на ридско-планинските подрачја;
  • Хазарди (природни и антропогени) во ридско-планинските подрачја;
  • Заштита на животната средина во ридско-планинските подрачја;
  • Европски регионални политики и програми за ревитализација на ридско-планинските подрачја;

Според првичните најави, на симпозиумот ќе земат учество значителен број истражувачи, наставници, лица од разни државни и приватни институции и слично, кои се бават или на некој начин се поврзани со наведената проблематика. Освен од Република Македонија, се очекуваат гости од Балканот и пошироко, а во прилог на тоа е научниот одбор кој се состои од еминентни научници од 6 држави. Голем интерес за симпозиумот покажува познатата интернационална организација “Mountain Research Initiative (MRI)”, чии членови ќе учествуваат во неговата работа.

Бидејќи станува збор за многу значајна и секогаш интересна проблематика, сите заинтересирани лица се добредојдени на симпозиумот, без оглед дали ќе учествуваат со свое излагање и презентација, или пак имаат намера да ги слушнат домашните и странските експерти и нивните искуства. Актуелноста на темата е толку поголема што речиси сите држави на Балканот, во поголем дел на Европа па и Светот имаат проблеми и предизвици поврзани со одржливиот развој и користење на ридско-планинските подрачја.

Крајниот датум за поднесување на апстракти за симпозиумот е 30 април 2013 година, а останатите детали можат да се погледнат на официјалната веб страница на симпозиумот: http://ohrid2013.igeografija.mk

Подготвил: д-р Ивица Милевски