Од промоцијата на книгата Basic Principles of Topography
оригинално објавено на: 23.12.2018
На 12ти декември 2018 година во просториите на Природно-математичкиот факултет во Скопје, се одржа промоција на книгата Basic Principles of Topography од авторот проф. д-р Благоја Маркоски, редовен професор на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Настанот беше посетен од голем број универзитетски професори и асистенти, пријатели и студенти од Институтот за географија. Книгата е во издание на престижната светска издавачка куќа Springer. Публикувана на почетокот од 2018 година. Изданието е на англиски јазик. Има обем од 219 страници, методолошки распределени на 140 лекции, збогатени со 131 колор илустрации и 154 библиографски единици.

Промоцијата се одржа во организација на Природно-математичкиот факултет и Институтот за географија. За методолошкиот концепт и непосредната содржина на книгата зборуваа проф. д-р Златко Србиноски од Градежниот факултет и проф. д-р Свемир Горин од Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Промоцијата се одржа под модераторство од проф. д-р Олгица Димитровска. На почетокот го покани проф. д-р Ицко Ѓоргоски, Декан на Природно-математичкиот факултет во Скопје, да ја отвори истата. Меѓу другото тој ја истакна важноста од издавање на едно вакво дело, како и големиот бројот на издадени научни трудови во престижни странски научни списанија чии автори се токму професорите и асистентите од Природно-математичкиот факултет.

Во продолжение, проф. д-р Златко Србиновски на почетокот даде краток историјат за животот и научно истражувачката работа на авторот. Меѓу другото тој истакна:
„Станува збор за книга која содржи осум поглавја. Секое од поглавјата е проследено со извадок во врска со неговата содржина, разработена е соодветната проблематика и потоа следуваат систематски подредени прашања во врска со поглавјето и листа на користената референтна литература. Непосредните содржини се систематизирани и реализирани според принципот кратко и јасно со строго систематизиран, асоцијативно одбран и извонредно квалитетно обликуван илустративен фотографски и графички прилози (од кои голем број се авторски оригинали). Навлегувајќи во методолошкиот концепт на содржините кај книгата Basic Principles of Topography се забележува таков пристап кој овозможува каузална причинско последична поврзаност на содржините, така што читателот има можност да се запознае и да ги проучи сите аспекти од областа на топографијата и нејзината примена во многу сфери од секојдневното живеење на човекот. Методолошкиот концепт опфаќа осум поглавја со поголем број наслови и поднаслови. На почетокот се зборува за Топографијата како научна дисциплина, за Земјата како небесно тело и за непосредните физички карактеристики на земјиштето проследено со објаснувања за разни типови и категории на земјиште кое се среќава во природата. Накратко се зборува и за претставувањето на земјиштето на карта, поимот, класификацијата и елементите на картите. Во контекст на запознавање и непосредна обука на корисниците на книгата обработени се некои од математичките елементи на картите од типот на најприменуваните картографски проекции, размерот и рамката на картите и поголем број географски елементи на картите како што се формите на релјефот, хидрографските објекти, типовите на земјиштето и вегетацијата, населените места, разни други објекти, комуникации, граници и географски имиња и натписи. Во книгата се обработени и аспектите на мерења на картите, поточно се објаснети постапките за одредување координати на точка, одредување на надморски височини, процесите на мерење растојанија, површини, хоризонтални и вертикални агли, изработката на профил на земјиштето и други аспекти.

Врз основа на вака презентираните содржини и стекнати знаења проблематиката продолжува во сферата ориентација во географскиот простор така што се презентирани видовите на ориентација (географска, топографска и тактичка ориентација), потоа начините на ориентација (ориентација на земјиштето без карта, ориентација на карта и со карта, одредувањето на положба на стојалишна точка) и движењето по земјиштето. Прикажани се разни начини на ориентација и движење по земјиштето со конкретен текстуален опис на редоследот на постапките и сликовно илустриран приказ. Во продолжение книгата се надградува со содржини поврзани со поновите техники и технологии, односно аспектите на користење на аерофотограметриските и сателитски снимки, сателитските системи, глобалните навигациски сателитски системи, LiDAR технологијата базирана на ласерско снимање на земјиштето и компјутерските програми со дигитални атласи. Во функција на непосредна примена на аспектите на топографија и картографија кон содржината е поместено едно поглавје во врска со методологијата на картирање и картографирање на вегетацијата како еден сегмент од географскиот простор. Книгата Basic Principles of Topography содржи и два додатоци, од кои едниот е топографски речник на стручни термини, а вториот додаток е топографскиот клуч кој се користи за топографските карти на Република Македонија во размер 1:25000.
Во продолжение краток осврт на содржините од книгата даде проф. д-р Свемир Горин кој ги истакна некои од поглавјата кои даваат особено значење на учебникот, извадоци од неговиот говор следат во продолжение: „Во учебникот накратко се објаснува за прикажувањето на физичките карактеристики на земјиштето на карта. Презентирани се поимот, својствата, значењето, класификацијата и елементите на картите. На овие содржини се надоврзуваат математичките и географските елементи на картите преку кои читателот се запознава што и како се прикажува на карта и се обучува како да ја користи картата. Математичките елементи на картите се презентирани преку основите на картографските проекции, размерот и рамката на картите. Прикажана е суштината и класификацијата на проекциите, а поопстојно внимание е посветено на Гаус-Кригеровата проекција и УТМ проекцијата како стандард за најупотребувани картографски проекции за изработка на крупно размерни топографски карти кои се основно средство за работа во областа на топографијата. Размерот на картите е категорија која покрај другото во топографијата овозможува мерење на разни потребни податоци. Рамките на картите се математички елемент каде се пласираат информациите за географската положба на содржината на картата и пропратните податоци за географската и правоаголната координатна мрежа на картите. Географските елементи на картите се презентирани преку методите и начините на прикажување на релјефот, хидрографијата, земјиштето и вегетацијата, населените места, разни објекти, комуникациите, границите и географските имиња и натписи. Поопстојно внимание е посветено на методите на прикажување на релјефот како основа на топографските карактеристики на земјиштето. Подетално е обработен методот на изохипси како најприменуван при изработката на топографските карти, односно кари во покрупен размер. Се зборува и за посовремените производи од типот ортофотокарти кои главно се базираат на аерофотограметриски и сателитски снимки. Посебно важен проблем во топографијата се процесите на мерење на картите преку кои се одредуваат разни параметри од типот на географски и правоаголни координати, растојанија на прави и криви линии, правци на земјиштето од дадена точка во смисла на хоризонтални и вертикални агли, површински големини, изработка на профил на земјиштето итн. Низ ова поглавје конкретно се објаснети начините и постапките на мерења со цел непосредна практична примена во разни проектантски, воено-полициски и цивилни индивидуални потреби. Содржината на книгата покрај класичните методи за читање на картите, мерења на картите, ориентација и движење по земјиштето е надградена и со содржини од сферата на современите техники и технологии, како што се аерофотограметриските снимки, сателитските системи и снимки, глобалните навигациски сателитски системи, примената на ЛИДАР технологијата и примената на компјутерските и сателитски снимки во процесите на ориентација и движење по земјиштето. Поконкретно се обработени глобалните навигациски сателитски системи како што се GPS – глобалниот позиционен систем развиен од страна на САД, GLONASS – развиен од страна на Русија, Galileo – развиен од страна на Европската унија, и регионалните сателитски системи Bei Dow – развиен од страна на Кина, IRNSS – развиен од страна на Индија и QZSS – развиен од страна на Јапонија. Подетално е разработен GPS – системот со неговите карактеристики и примена на истиот во разни сфери од секојдневниот живот воопшто но и за индивидуални потреби. Посветено е внимание на LIDAR технологијата и неговата практична примена меѓу другото и во сферата на топографијата. Презентирани се и неколку компјутерски програми со употреба на дигитални атласи од сателитски снимки. Во случајот како покарактеристични се спомнати Google Earth, ViaMichelin Website и HERE Website. Во контекст на практична примена на картографијата и топографијата, главно во функција на научни цели за истражувачите во просторот е прикажана конкретна методологија со редослед на постапки во процесот на картирање и картографирање на вегетацијата на земјиштето. Во изминатите 7-8 месеци (од нејзиното издавање) книгата доживеа дистрибуција од неколку илјади примероци низ целиот свет. Според тоа убеден сум дека оваа книга ќе биде од интерес и за научната и пошироката јавност во Република Македонија. На крајот од настанот, свое обраќање имаше авторот на книгата кој ги истакна мотивите потребите за издавање на ова дело. Потоа изрази благодарност до своето семејство, неговите најблиски соработници, Институтот за географија со неговите членови, Природно-математичкиот факултет и издавачката куќа Springer“.
Подготвил: асс. м-р Владимир Златаноски