Од одржаниот симпозиум по повод 70 години од основањетo на Македонско географско друштво
оригинално објавено на: 19.10.2019
Во чест на одбележување 70 години од основањето на Македонското географско друштво, во периодот од 3 до 4 октомври 2019 година, во Конгресниот центар во Охрид се одржа меѓународен научен симпозиум на тема „Новите трендови во географијата”. Работниот дел на симпозиумот се одвиваше во три сесии: физичка географија, животна средина, ГИС и картографија; социоекономска географија и методика во наставата по географија и просторно планирање. Беа презентирани вкупно 40 труда од автори од повеќе земји, меѓу кои: Србија, Хрватска, Словенија, Полска, Русија, Италија, Шпанија, Шведска, ЈАР, Босна и Херцеговина и Косово.
Темите и проблематиките кои се разработуваа ги дефинираа заклучоците кои беа презентирани во завршниот дел на симпозиумот и тоа:
Децентрализација на функциите од централно на регионално и локално ниво;
Превентивни функционални мерки за сузбивање на емиграциските текови на населението од рурални кон урбани средини и кон други држави;
Барање да се посвети внимание на стручната и експертска јавност од страна на политичките структури во институциите;
Систематски пристап во третманот кон заштита на животната средина;
Функционален развој на стопански активности, наспроти несоодветно искористување на природните ресурси;
Преиспитување на пристапот во географското образование во високото, средното и основното образование и
Поефикасно прилагодување и прифаќање на стандардите на Европската Унија.
Овој јубилеј беше вистински момент да се покаже благодарност на личности и институции кои се дел од развојниот пат на Македонското географско друштво преку соработка и меѓусебна поддршка. По тој повод беа врачени плакети за посебен придонес во развој на географијата на поранешните претседатели на Друштвото: проф. д-р Васил Граматниковски, проф. д-р Александар Стојмилов, проф. д-р Никола Панов и проф. д-р Благоја Маркоски. Исто така, беа доделени благодарници на:
Проф. д-р Пјотор Мигон за особен придонес во соработката помеѓу Полското географско друштво и Македонското географско друштво;
проф. д-р Драгица Живковиќ за особен придонес во соработката помеѓу Српското географско друштво и Македонското географско друштво;
проф. д-р Марко Кревс, за особен придонес во соработката помеѓу Асоцијација на географи на Словенија и Македонското географско друштво и проф. д-р Климент Најденов за особен придонес во соработката помеѓу Бугарското географско друштво и Македонското географско друштво.
Благодарници беа упатени до членовите на Институтот за географија кои Македонското географско друштво го доживуваат како своја креација и инспирација. Воедно, благодарници беа врачени и на регионалните координатори кои со ентузијазам и заложба ги спроведуваат активностите на Македонското географско друштво и придонесуваат за формирање функционална мрежа на територијата на целата држава. Благодарници беа доделени и на поедни наставници кои во изминативе 10 години покажаа извонредни резултати на државните натпревари по географија, како и професори кои во текот на своето работење ја крепеле и граделе географијата низ основното, средното и високото образование.

Симпозиумот се одвиваше во пријатна работна атмосфера и пријателско дружење на различни генерации географи и се заокружи со организирана посета на стариот дел на градот Охрид.
Во име на Македонското географско друштво, упатувам благодарност до сите учесници на настанот, со надеж дека понеле пријатни искуства и спомени од настанот.
На крајот останува да си посакаме што повеќе настани во организација на Македонското географско друштво, да ја унапредуваме географијата, да сме сé побројни и сé повлијателни.

Нека ни е честит роденденот.
проф. д-р Билјана Апостоловска-Тошевска
Претседател на Македонско географско друштво