Одржана четвртата Балканијада во националниот парк Пелистер, Македонија
оригинално објавено на: 13 October 2012
ЕГЕА – Балканијада или Балканијада во рамки на ЕГЕА (Европска географска асоцијација), претставува манифестација – собир на студентите географи од западниот Балкан. Балканијада е манифестација која од година во година се повеќе се шири и со сигурност станува еден вистински семинар. Гледано во историски поглед, Балканијадата нема долга традиција, претставува нова манифестација чии почетоци датираат од пред 3 години (од октомври 2009 – тата год.), кога на хрватскиот остров Ластово за прв пат беше одржана. Наредните години следеше ,,II – та Балканијада“ во Крањска Гора – Словенија (октомври, 2010 год.); потоа ,,III – та Балканијада“ во Овчар Бања – Србија (октомври, 2011 год.) и дојде редот на Македонија и ЕГЕА Скопје (ИЗСГ Природник) како нов организатор. Ентитет кој досега во рамки на ЕГЕА немаше некакво искуство со ваков тип на организација.
По неколку месечни подготовки, организацијата за четвртата Балканијада финишира пред самиот почеток и така се беше подготвено за долго очекуваната – ЖИВОТНА активност (семинар). Семинар во кој ќе се направи одличен спој на науката и забавата, а со единствена цел полесна соработка и функционирање како на ентитетите така и на студентите од овие простори (западен Балкан). Имено на оваа Балканијада учествуваа 47 студенти од следениве земји: Македонија, Србија, Хрватска и Словенија. A свои претставници имаа следниве 6 ентитети: домакинот – ЕГЕА Скопје со 14 претсавници, ЕГЕА Белград (7 претставници), ЕГЕА Нови Сад (1 претставник), ЕГЕА Загреб (14 претставници), ЕГЕА Копер (1 претставник) и ЕГЕА Љубљана (10 претставници).
Балканијада 2012 Н.П. Пелистер, Македонија беше свечено отворена на 4 – ти октомври 2012. Веднаш по отварањето следеше предавање за Република Македонија од страна на проф. д-р Благоја Маркоски, а потоа следеше и предавање за Н.П. Пелистер од проф. д-р Ивица Милевски. Програмата за овој ден беше заокружена со вечерна забава. Следниот ден (05.10.2012), рано наутро се поделивме во две групи и се упативме кон две различни дестинации. Поголем дел од студентите заедно со проф. д-р Благоја Маркоски и проф. д-р Ивица Милевски се упатија кон височините на планината Пелистер (Баба П.) и Големо Езеро. Оваа навидум лесна експедиција, заврши со освојување на врвот Ветерница (2.420 м), кој се издига веднаш над Големото Езеро. Од овој врв шикоро се отвараше поглед кон Преспанското Езеро на запад, Пелагонија на исток, како и кон сите локални планини. Втората екскурзија беше со цел да им овозможи на студентите што повеќе се запознаат со градот Битола. Во рамки на оваа екскурзија се посетија: архелошкиот локалитет – Хераклеја, музејот на град Битола, како и центарот на Битола – ,,Широк Сокак’’ и сл. Во прилог на оваа екскурзија ни излегоа нашите колешки Александра Јошевска и Стефанија Трајковска, кои допридонесоа уште повеќе да се запознаеме со градот Битола. Приквечер следеше презентација на документарен филм ,,Низ срцето на Македонија“, а веднаш по презентацијата стартуваше и културната вечер. Третиот ден (06.10.2012), беше резервиран за целодневна екскурзија до Охрид и Охридско. Најпрво се упативме преку Ѓавато и Буково кон Охрид, па потоа продолживме кон Св. Наум, патем го посетивме музејот на вода ,,Залив на Коските“. Околу 13 часот пристигнавме кај манастирот Св. Наум и езерцето Острово, а по два часовна пауза, се упативме кон Охрид.
Во Охрид под раководство на нашиот колега Зоран Петров, најпрво ја посетивме црквата Св. Софија, потоа стариот анфитеатар, следеше и Самуиловата тврдина, каде имавме одличен поглед кон градот Охрид, Охридското езеро, како и кон целата околија. Продолживме кон црквата Св. Пантелејмон, каде за наша среќа имавме шанса да присуствуваме на литургија од поглаварот на Македонската православавна црква г.г. Стефан. Крајна цел од оваа екскурзија ни беше посетата на црквата Св. Јован Канео, каде имавме можност да го фотографираме зајдисонцето, и прекрасните бои кои се ширеа на Охридското Езеро. Овој ден го завршивме со роденденска прослава во чест на нашиот колега Марио (ЕГЕА Загреб). Наредниот ден (07.10.2012), следеше групна прошетка низ националниот парк Пелистер. Најпрво се упативме кон Хотел Молика, патем среќававме повеќе туристички табли, од кои се запознавме дека тука поминувал Македонскиот фронт за време на Првата Светска Војна. Подоцна го заобиколивме Хотел Молика и продолживме кон пл. дом Копанки, а од таму продолживме кон ,,Камените Реки“ (најрепрезентативната појава од ваков вид на Балканскиот Полуостров). Попладнето следеа презентации на тема ,,Туристички дестинации во својата земја“ (географско искуство), па така се запознавме со најпосетуваните, најзначаните и најубавите локации во Словенија, Хрватска и Србија. Веднаш по презентациите следуваше состанок на кој стана збор за правилностите што треба да ги има една Балканијада, а потоа беше донесен и новиот организатор – ЕГЕА Загреб. Пред полноќ следеше BDC – натпреварот, а по него се продолжи со забава. Последниот ден (08.10.2012) од нашиот престој на Пелистер го завшивме со официјално затворање на Балканијада 2012. Нашето дружење не заврши тука, беше продолжено за уште еден ден, но овој пат во Скопје.
Овој семинар – Балканијада заврши во најдобар ред, учесниците беа презадоволни од понудената програма, од срдечниот пречек, како и од убавините на нашата Татковина. Балканијада 2012, претставува пред се големо искуство за нас ЕГЕА Скопје (ИЗСГ Природник) како млад надежен ентитет. Покрај тоа оваа организација – Балканијада, придонесе да се стекнат многу нови пријателства, кои ветуваат многу нешта, GEOGRAPHY CONNECT PEOPLE!
Голема благодарност до сите оние кои ни помогнаа и ни ја олеснија организацијата, исто така издразуваме голема благодарност до сите оние кои учествуваа и имаа прилика да на дружат на Пелистер. А оние, кои беа спречени поради некоја причина, следен пат да не пропуштат!
ВИ БЛАГОДАРИМЕ! ОРГА ТИМ: Ивана Мукоска, Боби Стојчевски, Дарко Стојчески, Александар Кирковски и Кристина Мартиновска
Напишал: Дарко Стојчески