ОДРЖАНА РАБОТИЛНИЦА СО TOM TOM MAPS НА ИНСТИТУТОТ ЗА ГЕОГРАФИЈА
Во компјутерската лабораторија на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет, се одржа работилница на тема „Географските податоци – есенцијален дел од модерните навигациски технологии“. Оваа едукативна сесија е организирана за студентите на Институтот за географија, со цел да се запознаат со најновите трендови и практики во областа на навигацијата и геопросторните податоци. Целта на работилницата беше да ги доближи студентите до примената на географските информациски системи (GIS), собирањето, обработката и анализа на просторни податоци, како и нивната интеграција во навигациските технологии.

Посебен акцент на работилницата беше ставен на улогата на географските податоци во модерните навигациски технологии, како што се дигиталните мапи, ГПС системите и интелигентните транспортни решенија. Презентер и предавач на работилницата е Миле Милковски, Associate Partner Development во TomTom Maps за Балканскиот Полуостров и Источна Европа. Со своето искуство во развојот на партнерствата и интеграцијата на картографските податоци, г-дин Милковски сподели вредни информации за работата на TomTom Maps, предизвиците во креирањето и ажурирањето на дигиталните мапи и значењето на точните просторни податоци за развојот на навигациските технологии.

Студентите имаа можност да дознаат повеќе за TomTom платформата за обработка и уредување на карти, за процесот на прибирање и обработка на географските податоци, користењето на напредни аналитички методи, како автоматизацијата на навигациските решенија преку онлајн алатката Open Street Map, начинот на креирање на профил, како и бројните решенија и алатки креирани од страна на TomTom Maps.

Организираната работилница овозможи дополнителна можност да се слушнат информации од експерт во областа и да се стекнат практични знаења кои ќе им бидат од корист во нивната академска и професионална кариера. Студентите има можност да поставуваат прашања, да дискутираат за предизвиците во полето на геопросторните податоци и да разменуваат идеи со предавачот и со своите колеги.
Со оваа работилница, Институтот за географија продолжува со својата мисија да ги подготви студентите за реалните предизвици во областа на географските науки, нудејќи им практични искуства и можности за запознавање на стручни лица од областа. Соработката на Институтот за географија со TomTom Maps овозможува директен пристап до најновите технологии и методи за работа со геопросторни податоци и претставува одличен пример што е од суштинско значење за развојот на современото образование во географијата. Ова партнерство не само што ја зајакнува практичната компонента на образованието, туку и ги подготвува студентите за успешна кариера во областа на географијата, геоинформатиката и навигацијата.


Работилницата ја организираше проф. д-р Свемир Горин од ПМФ, кој воедно најави повеќе вакви работилници, на кои ќе бидат поканети гости од успешни компании од државата и Балканот
Подготвил:
Асс. м-р Арсе Кузманоски