7 November 2024
Архива

Одржана петтата географска Балканијада

оригинално објавено на: 02.11.2013

Во периодот од 30.09.2013 до 04.10.2013 се одржа петтата Балканијада,по втор пат во организација на Егеа Загреб (Клуб на студентите по географија – Загреб). Претходно географскиот семинар ,,Балканијада“ кој е дел од европската географска асоцијација – ЕГЕА се има одржано во Ластово – Хрватска (во организација на Егеа Загреб, 2009 год), Крањска Гора – Словенија (Егеа Љубљана, 2010 год), Овчар Бања – Србија (Егеа Белград, 2011 год) и на Пелистер – Македонија (Егеа Скопје, 2012 год).

Слика 1.

Оваа година стационарно место на семинарот беше туристичката населба Св. Филип и Јаков, која се наоѓа непосредно до градот Задар. На семинарот присуствуваа 53 учесници од регионот на Западен Балкан (Македонија, Србија, Хрватска и Словенија), а свои претставници имаа 6 ентитети и тоа: Егеа Загреб (23 учесници), Егеа Љубљана (11 учесници), Егеа Белград (10 учесници), Егеа Скопје (5 учесници), Егеа Нови Сад  (2 учесници) и Егеа Копер (2 учесници). За разлика од претходните семинари, новост на оваа Балканијада е воведувањето на работа во работилници. Во текот на семинарот се изведоа 4 работилници поврзани во сферата на туризмот, и тоа на следниве теми: Авантуристички туризам, гастрономски туризам, туризам во заштитени подрачја и нематеријално културно наследство. Покрај работилниците, беа одржани две предавање, и тоа од проф. д-р Вук Твртко Опачиќ (Географски институт – Загреб) на тема  ,,Туризам во заштитени подрачја и нематеријално културно наследство“, како и од проф. д-р  Јадранка Бркиќ Вејмелке (Географски институт – Задар) на тема ,,Нематеријално културно наследство во околината на Задар“. Покрај научниот дел, на семинарот се одржаа неколку екскурзии како и културно – забавни и спортски  игри.

Слика 2.

Вториот ден беше посветен на екскурзијата до градот Задар, каде покрај стариот град го посетивме и музејот посветен на античкото стакло. Втората екскурзија беше резервирана за четвртиот ден, кога ги посетивме Скрадин, националниот парк Крка и Рошкиот Слап. Од културно – забавните и спортските игри, беа организирани натпреварувања во кошарка и одбојка на песок, покрај тоа беше организиран натрпреварот во BDC. Исто така, традицијално беше организирана културна вечер, на која секоја земја презентираше своја храна и пијалоци, а покрај тоа домаќините приредија и своја вечер. Семинарот беше заокружен со CP  состанокот (регионалниот состанок) на кој се разгледуваа две точки. На првата точка се дискутираше околу новиот организатор, а како нови организатори беа усвоени Егеа Љубљана и Егеа Копер. На втората точка се разгледуваше можноста за издавање на заедничка меѓународна публикација, па се одлучи секој ентитет да постави по еден коорднатор, кој ќе биде главен мотиватор но и ќе се залага за остварување на оваа почетна идеа.

Слика 3. Скрадин
Слика 4. Н.П. Крка
Слика 5. Културна вечер, Македонска трпеза

Севкупно организаторите направија перфектен спој на науката и забавата, што треба да послужи како одличен пример за натамошниот развој на семинарот ,,Балканијада“.  Во целост се исполнија целите и задачите на семинарот, се воспоставија многу контакти и пријателства, а што е најзначајно се продолжи географската соработка меѓу студентите и младите географи од Западен Балкан.

Голема благодарност до Егеа Загреб! 

Напишал: Дарко Стојчески