22 April 2025
Uncategorized

ОДРЖАНА ВТОРА ПРАКТИЧНА РАБОТИЛНИЦА СО TOMTOM MAPS И OPEN STREET MAP СО СТУДЕНТИТЕ ОД ИНСТУТУТОТ ЗА ГЕОГРАФИЈА

Во компјутерската лабораторија на Институтот за географија беше успешно реализирана втора практична работилница под наслов „Мапирај го светот – работилница за Open Street Map“ за студентите од географија. На одржаната работилница, студентите имаа можност да се запознаат со основите и примената на Open Street Map (OSM), како и да стекнат практично искуство во внесување и обработка на просторни податоци.

Слика 1. „Мапирај го светот – работилница за Open Street Map“

Работилницата беше официјално отворена од проф. д-р Свемир Горин, редовен професор на Институтот за географија. Во својот воведен говор, ја истакна важноста на слободно достапните просторни податоци и нивната примена во современата географија. Исто така,  потенцирано беше дека дигиталното картирање претставува клучна алатка за научни истражувања, урбанистичко планирање и управување со просторот.

Првиот предавач, Бесфорт Гури, главен извршен директор на Мрежата за просторни податоци, ги запозна студентите со основите на Open Street Map и неговата улога како глобална платформа за мапирање, каде беа споделени примери за успешни проекти кои го користат OSM и ја нагласи важноста на отворените геопросторни податоци во современиот свет.

Слика 2. Дел од работната атмосфера од работилницата.

Вториот предавалч, г-дин Миле Милковски, соработник за развој на партнерствата на ТомТом во Балканот и Југоисточна Европа, ја објасни интеграцијата на Open Street Map со комерцијалните геопросторни решенија. Тој даде увид во процесот на обработка на податоците и начините на кои компаниите како ТомТом соработуваат со OSM за да креираат точни и ажурирани мапи. Студентите се запознаа како се користат податоците од OSM за развој на навигациски системи и други геопросторни апликации.

Слика 3. Дел од работната атмосфера од работилницата.

Третиот предавач, Салим А. Бајдун, претставник на ТомТом, објасни за меѓународната соработка на Open Street Map заедницата со бројни приватни фирми и државни институции, за успешно завршени интернационални проекти и за тековни проекти.

Практичниот дел од работилницата започна со демонстрација на внесување и уредување на податоци во Open Street Map и преку MapRoulette. Преку конкретни примери, студентите беа водени низ процесот на додавање нови објекти, корекција на постоечки податоци и означување на географски карактеристики во платформата. Во практичната работа, студентите користеа различни алатки за внесување и проверка на податоците, како и да ги анализираат придобивките од отвореното мапирање во различни апликации.

Слика 4. Дел од работната атмосфера од работилницата.

На крајот од работилницата, сите учесници потврдија за важноста на одвивање на работилници, каде покрај теоретските знаења, се применуваат и практични вештини и учења.

Во следниот период, ќе следи доделување на сертификати за учество, како потврда за нивната успешна работа и вложен труд. Овој сертификат ќе им послужи како значајна референца при нивниот понатамошен професионален и академски развој во областа на географијата и просторните податоци

Работилницата „Мапирај го светот – работилница за Open Street Map“ претставуваше одлична можност за студентите од Институтот за географија да се стекнат со практично искуство и да ги прошират своите знаења во областа на дигиталното мапирање. Овој настан ја потврди важноста на ваквите иницијативи во образовниот процес, овозможувајќи им на студентите директен контакт со експерти од индустријата и современите технологии во геопросторното картирање.

Подготвил:
Асист. м-р Арсе Кузманоски