22 January 2025
АрхиваГеовести

Нов број на списанието Географски разгледи on-line!

оригинално објавено на: 12 Jan 2012

Слика 1.

Денес е објавена електронската верзија на новиот број (44-45, 2011) од списанието Географски разгледи, а за неколку дена ќе излезе и соодветната печатена верзија. Ова реномирано списание кое го издава Македонското географско друштво, излегува непрекинато уште од 1962 година, поради што спаѓа меѓу научно-стручните списанија со најдолга традиција во Република Македонија. До сега вкупно се објавени 36 книги со околу 400 научни и стручни трудови, библиографски осврти, географски вести и други информации. Од неодамна, содржините на списанието Географски разгледи се поставуваат и електронски (www.igeografija.mk/MGD), со што стануваат достапни на поширок круг заинтересирани вљубеници во географијата. Воедно, заради поголема меѓународна афирмација, во уредувачкиот одбор на списанието влегоа реномирани професори-географи од повеќе држави. Од оваа година во план е списанието да излегува два пати годишно, а трудовите да бидат рецензирани. Крајна цел е Географски разгледи да добие статус на меѓународно списание, каков што прочем и заслужува.

Инаку во најновиот број на Географски разгледи се објавени вкупно 11 труда од 14 автори (3 коавтори), кои покриваат широк спектар на географски проблеми: од геоморфолошките карактеристики на Цоцев Камен, преку хидролошките карактеристики на Црна Река и Треска, потоа некои методи на дигитално картографирање, до проблемот на самечките домаќинства во Македонија, стопанските промени во Светот и кај нас и развојот на туризмот во шарско-полошкиот регион. Потоа е даден преглед на ново-објавената домашна географска литература и презентирани се некои релевантни географски вести и активности, подготвени од студентите на истражувачкото друштво Природник. На крајот е in memoriam-от посветен на нашите почитувани, прерано починати професори: д-р Аслан Селмани и д-р Драган Василески.

Со самото објавување на последниот број, започнуваат подготовките за следниот број на списанието (46), кој треба да излезе во втората половина на 2012 година. Во новиот број е предвидена и рубрика наменета за млади истражувачи-географи. Затоа ве повикуваме доколку сте заинтересирани да го подготвите или испратите вашиот труд до уредувачкиот одбор најдоцна до крајот на јуни, 2012 година.

д-р Ивица Милевски