28 March 2025
АрхиваМакедонија

Необичната убавина на езерото Козјак

оригинално објавено на: 25.11.2017

Акумулацијата „Козјак” е едно од најголемите вештачки езера во Р. Македонија.

Езерото Козјак се наоѓа во западниот дел од Македонија, односно во Поречкиот крај. Се наоѓа на реката Треска, во нејзината Голема Клисура, на 15 km спротивно од браната на реката Треска.

Сл. 1

Со оглед на тоа што нема никаква допирна точка со планината Козјак која се наоѓа во североисточниот дел на земјава, жителите преферираат да го нарекуваат Поречко Езеро.

Езерото е долго 32 km, достигнува длабочина и до 130 m, а максималното растојание од едниот до другиот брег изнесува 400 m. Се наоѓа на идеална надморска височина од неполни 300 m.

Основата на браната е 500 m, а круната или врвот е 310 m. Водите на реката Треска кои го напојуваат езерото, се вбројуваат меѓу најчистите води на Балканот. Езерото зафаќа површина од 13.5 m², а акумулира 570 милиони m³ вода.

На функционалноста и атрактивноста на езерото, се надоврзува и изградбата на т.н. воден лифт, со којшто се регулира водостојот на водата во езерото. Оние што ја познаваат силата на водите на реката Треска, спокојно тврдат дека благодарение на браната, на Скопје не може да му се повтори поплавата од 1962 година, кога центарот бил претопен во езеро длабоко повеќе од 2 m. Браната ги штити од различни метеоролошки прилики Скопје, Скопско Поле и сите зелени појаси по должината на реката Вардар.

Акумулацијата Козјак има најбогат рибен свет во Македонија. Тука се среќаваат 10 видови риби меѓу кои: кленот, виножитната пастрмка, мрената, боцкалката, попадиката, крапот, вардарката, скобустот и поточната пастрмка. Ова вештачко езеро, претставува атрактивно место за рекреативните риболовци, кои доаѓаат тука преку цела година. Риболовот е дозволен покрај целото езеро, освен во двата залива на Јасен Пеколник и Коломот, кои се претворени во привлечни плажи за посетителите. Риболовот е регулиран од страна на службата која се грижи за зачувување на езерото, па секој заинтересиран треба да се обрати до надлежните за дозвола за рекреативен или спортски риболов. Дозволата се добива инстантно, за релативно мал паричен надоместок и важи за целото езеро, освен за двете плажи кои се резервирани за посетителите.Природниот резерват Јасен, долго време претставуваше привилегија само за политичари и угледни странски гости и затоа е сè уште многу малку познат предел во државава. Откако се отвори за јавноста, прерасна во многу атрактивно место за изградба на викенд-населби, а една од новоизградените е Близанско. Тука сè уште не е направен асфалтиран пат, што го прави начинот на превезување интересен и многу атрактивен.

Постои интерес од домашни и странски компании за изградба на хотели на ова езеро, поради чистата еколошка средина, близината на главниот град Скопје, атрактивната локација поради убавините на езерото, каде моментално се градат цели елитни населби со приватни плажи.

Сл. 2

Браната Козјак, клисурата на реката Треска, дивечот, ендемските растенија го прават овој предел магнет за туристите, но неопходна е потребата од подобрување на патната инфраструктура, со цел полесна пристапност до езерото.

Езерото Козјак претставува идила за рекреативци, планинари, велосипедисти и посетителите кои имаат можност да уживаат во чистиот планински воздух и недопрената природа.

Извори:

ajdenaodmor.mk

elem.com.mk

jasen.com.mk

makedonskibiser.com.mk

mbrod.gov.mk

ribar.com.mk

skopjeinfo.mk

Изработи: Никола Николоски

Корекција: Билјана Бабаноска