На 9-ти мај на Институтот за географија во Скопје ќе се одржи јавно предавање на тема: Brexit
оригинално објавено на: 2.05.2016
На 9-ти мај 2016 година, со почеток од 12:00 часот, на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ќе се одржи научно предавање на тема „Brexit“, по повод референдумското прашање на Обединетото Кралство за излез или останување во рамките на Европската Унија.
Откако британскиот парламент го изгласа предлог-референдумскиот акт по прашањето за членство на Обединетото Кралство, референдумот беше распишан со датум на одржување на 23-ти јуни 2016 година. На тој начин, Британците по втор пат ќе имаат шанса да одлучат дали да бидат дел од големото европско семејство, или да ја напуштат унијата.
Прв пат, ваков референдум бил одржан во 1975 година, во рамките на тогашната Европска Економска Заедница, кога за останување гласале 67 проценти од гласачите. На овој референдум, се очекува поголема неизвсност околу одлучување на иднината на Обединетото Кралство и Европската Унија.
Настанот се смета како еден од клучните моменти од аспект на европеизацијата на Стариот континент. Од одговорот на референдумот во голема мера ќе зависи и иднината на Европската Унија, а од сериозноста на таквиот епилог, се повлекуваат повеќе геополитички релации, кои имаат влијание на светско ниво.
Во таа смисла, се организира предавање и трибина во рамките на Институтот за географија, каде што се очекува анализа на можниот епилог по референдумското прашање и понатамошниот тек на настаните од геополитички аспект во зависност од одговорот на 23-ти јуни. Настанот е од јавен карактер.
Говорник на предавањето ќе биде м-р Горан Китевски, помлад асистент на Институтот за географија при ПМФ – Скопје
9 мај 2016 година, 12:00 часот
Институт за географија, ПМФ, Амфитеатар 305 (трет кат)