На ПМФ во Скопје одржана трибина за новата Уредба за беспилотни летала!
оригинално објавено на: 01.02.2018
Согласно претходниот заеднички договор со директорот на Агенција за цивилно воздухопловство (АЦВ) на Република Македонија, на 27 јануари (сабота), во големиот амфитеатар на Природно-математичкиот факултет во Скопје се одржа трибина околу новата „Уредба за условите под кои воздухоплов без екипаж може да лета во македонскиот воздушен простор“. На трибината присуствуваа претставници од АЦВ и околу 30 заинтересирани лица – пилоти на мали воздухоплови без екипаж (сниматели со дронови, истражувачи, рекреативци, хобисти и др.).
Најпрвин, од страна на АЦВ беа дадени објаснувања околу новата уредба, потребата за нејзино донесување, а посебно одредбите и членовите кои се сметаа за недоволно јасни. Присутните пак, дадоа свои видувања, забелешки, предлози и сугестии за подобрување на самата уредба, со цел подобра и посеопфатна имплементација во иднина. Се укажа на потребата од додефинирање на некои одредби, но и на разлабавување на некои членови предвидени со уредбата. Тоа посебно во однос на можностите за примена на мали беспилотни летала за мониторинг и итни спасувачки операции при природни или други непогоди или разни итни ситуации.
Инаку, Уредбата која стапи на сила на 01.01.2018 година, има за цел да ја регулира употребата на воздухополовите без екипаж (посебно мали беспилотни летала) на територијата на Република Македонија за да не се наруши безбедноста во воздушниот простор и воздушниот сообраќај. Бидејќи оваа проблематика е нова не само во македонски туку и во светски рамки, соодветните правилници, уредби и законски регулативи по светот, постојано се менуваат, надополнуваат и се далеку од „идеални“. Воедно, технологијата на мали беспилотни летала, во последните години неверојатно брзо напредува со се посовремени и технолошки поусовршени летала (дронови, авиомодели, мултиротори, системи за визуелно набљудување, сензори за аеродетекција и др.), така што речиси е невозможно да се следат сите новитети. Сепак, учесниците на трибината се согласија дека некаква уредба или правилник и негово доследно спроведување се навистина неопходни, но истите треба да се одмерени и не премногу рестриктивни, со цел непречено навлегување и користење на овие нови технологии во нашата држава.
Во оваа пригода сакаме да изразиме голема благодарност до директорот на АЦВ на Република Македонија, г-дин Горан Јандреоски, како и до деканот на ПМФ, проф. д-р Ицко Ѓоргоски, за придонесот во организацијата на оваа трибина, како и за воспоставувањето на заедничка соработка помеѓу двете реномирани домашни институции. Во врска со тоа, се очекува набрзо да се потпише Меморандум за заедничка соработка.
Подготвил: д-р Ивица Милевски