20 May 2025
АрхиваСвет

„Нај“ географија

Oригинално објавено на: 11 May 2012

Ако некој ве запраша која е најдолга река, која е највисока планина, кој е најголем континент или океан, поголем дел од вас ќе знаат дека највисок врв е Монт Еверест (Хималаи) и достигнува 8.848 m над нивото на морето, најголем континент е Азија и зафаќа површина од 44.383.000 км кв., најдолга река е Нил (Африка) и има должина од 6.695 км, а најголем океан е Тихи Океан со површина од 179.379.000 км кв., каде во близина на Маријанските Острови се наоѓа и најголемата длабочина на земјината топка која изнесува 11.032 м. Некој можеби ќе рече дека знае и за други „нај“ работи во географијата, но за секој случај еве уште неколку податоци.

Слика 1.

Најголем полуостров е Арабискиот (Азија) кој има површина од  2.700.000 км кв.

Најголем е Данскиот остров Гренланд со површина од  2.130.800 км кв.

Ојос дел Соладо, кој се наоѓа во Чиле (Јужна Америка), е највисокиот вулкан на светот со надморска височина од 6.893 m.

Најголема пештера во светот е Мамутската. Таа се наоѓа во истоимениот национален парк во државата Кентаки (САД). Вкупната должина на досега истражените пештерски канали, кои се протегаат на пет катови (нивоа), изнесува 560 км.

Слика 2.

Најголем кањон е Големиот Кањон на реката Колорадо, кој се наоѓа во државата Аризона (САД).  Долг е 446 км, има различна широчина која се движи од 6,4 до 29 км, а длабок е над 1,83 км. За да го добие денешниот изглед потребни му биле околу 6 милиони години.

Најголемата пустина е Сахара (Африка). Таа е поголема од континентот Австралија и има површина од околу 9.100.000 км кв.

Слика 3.

Највисоката температура е регистрирана во Ал Азизијах (Либија) на 13 септември 1922 год и  изнесувала 58 степени Целзиусови, додека најниската е регистрирана во базата Восток (Антарктик) на 24 август 1960 год и изнесува -88,3 степени Целзиусови.

Слика 4.

Најголемото годишно количество на врнежи е регистрирано во Черапунџи (Индија) во 1960-61 година и изнесувало 26.461 мм. Доколку споредиме кај нас, во Жировница (Ростуше), било измерено максималното  годишно количество на врнежи во Македонија, до сега, кое изнесувало 1.400 мм.

Слика 5.

Најголемата брзина на ветер е забележана на Монт Вашингтон (САД) 1934 год и изнесувала 371 км/час.

Највисок водопад е Енџеловиот, кој се наоѓа во Венецуела (Јужна Америка), на малата река Чурун, која е притока на Карони и достигнува височина од 979 м. Поради огромната височина, водата пред да стигне до најдолните делови од водопадот, е расеана од силните ветрови и се претвара во магла.

Мртвото Море е познато по две „нај“ карактеристики. Тоа е најсолена водена површина на светот, поради што во него нема жив свет, многу е густо и слободно може да се легне и да се читаат весници, без да се потоне. Другата специфичност е тоа што се наоѓа во најголемата депресија на светот, дури 392 м под нивото на Светското Море.

Во однос на површината најголемо езеро е Каспиското (Азија-Европа) со 371.000 км кв. Тоа е остаток од некогашното море Тетис. Има солена вода, па некои го сметаат за море, меѓутоа хидролошки гледано тоа е езеро бидејќи од сите страни е опколено со копно и не е поврзано со Светското Море.

Најдлабоко езеро е Бајкалско (1 741 м). Се наоѓа во Азија, поточно во Русија, и го нарекуваат “украс на Сибир”. По начинот на настанок тоа е тектонско езеро. Во него има 45 острови. Ова езеро има голема провидност, дури 40 м во длабочина. Од декември до мај тоа е замрзнато и во тој период низ него не се одвива сообраќај.

Најголем глечер во светот е Ламбертовиот, кој се наоѓа на Антарктикот. Тој е долг 500 км, а широк 80 км и се движи еден до два метри дневно кон отворениот Атлански Океан.

Се надевам вие кои знаевте поголем дел од темава научивте уште нешто ново, а кај останатите се роди поголема љубопитност за запознавање на географијата.

Подготвила: Гордана Бошковска, дипл. професор по географија