Најсмртоносните и најсилните земјотреси во човековата историја
оригинално објавено на 6.03.2017
Земјината кора се состои од тектонски плочи со различни големини, кои се движат една према друга или се оддалечуваат една од друга.
Приближувањето и судирањето условува појава на силни земјотреси, кои можат да бидат со катастрофален карактер и да предизвикаат големи човечки загуби. Се смета дека 90 проценти од земјотресите се случаваат покрај тектонските фрактури кои се наоѓаат во границите на самите тектонски плочи. Иако ретко, сепак постојат земјотреси кои се јавуваат во рамките на плочите, а понекогаш и таквите може да биде многу деструктивни. Според некои проценки, најсмртоносниот регистриран земјотрес во текот на историјата на човештвото, бил земјотресот што ги опфатил трите провинции на Кина во далечната 1556 година. Се претпоставува дека при тој земјотрес загинале околу 830 000 лица. Покрај овие природни т.н. тектонски земјотреси, луѓето можат да предизвикаат земјотрес за време на градење на брани, големи згради и црпејќи течности од нафтените резервоари.
Земјотресите не се случуваат само на копно, туку и под океанските дна. Како последица на тоа се создаваат големи бранови високи и до над 30 метри наречени цунами.
Овие бранови имаат голема брзина и разорна моќ, а можат да се движат со стотици километри без значително да им се намали силата. Според досегашните сознанија, најсмртоносните земјотреси во текот на историјата биле следните:
Земјотресот во провинцијата Шанси, Кина во 1556 година
Најсмртоносниот земјотрес на сите времиња, кој се случил пред 450 години. Имал магнитуда од 8 степени по Рихтер, а загинале 830 000 лица, додека уште толку биле повредени.
Земјотресот во провинцијата Тангшан, Кина, 27 јули во 1976 година
Кина и по втор пат несреќна со втор најсмртоносен земјотрес и тоа во 1976 година, во североисточниот дел на земјата со интензитет од 7,5 степени според Рихтеровата скала. Земјотресот имал два јаки потреси еден по друг, а бројот на загинатите достигнал 250,000 лица.
Цунами во Индиски океан во 2004 година
На 26 декeмври 2004 силен земјотрес кој траел околу 10 минути, го потресе дното на Инскиот Океан, предизвикувајќи серија цунами од Суматра до Сомалија. Силината на ударот беше еквивалентна на 23.000 атомски бомби како оние фрлени на Хирошима. Настрадаа над 230 000 луѓе во 14 држави, а најмногу во Индонезија.
Земјотресот во провинцијата Хаиуан (Гансу), Кина во 1920 година
На 16 декември 1920 година земјотресот во Халуан, кој што достигнал 7,8 Рихтерови степени, предизвикал реките да ги променат своите токови, а цел еден град бил избришан од површината на земјата. Со земјотресот биле опфатени 7 провинции на Кина на површина од 20,000 квадратни километри. При овој земјотрес жиботот го загубиле околу 200 000 луѓе.
Земјотресот во Канто, Јапонија во 1923 година
Само неколку минту пред полноќ на 1 септември 1923 година, земјотрес од околу 7,9 Рихтерови степени ја потресе целата метрополитска зона на Токио и Јокохама. Силните потреси оставија малку несрушени згради и предизвикаа цунами висок околу 12 метри. Загинаа околу 143 000 лица. Оштетувањето траеше повеќе денови по ред. Го предизвикал големиот пожар во Токио.
Земјотресот на Хаити, 2010 година
Земјотресот од 7 степени според Рихтеровата скала што го потресе главниот град на Хаити, однесе околу 200 000 животи, околу 300 000 беа повредени, а 250 000 домови беа уништени. Ова беше најсилниот земјотрес во Карибите во последните 200 години.
Земјотресот во Туркменистан во 1948 година
Во неколку минути, земјотрес од 7,3 Рихтерови степени во октомври 1948 година, го претвори градот Ашгабат во пепел. Илјадници доктори и медицински сестри и персонал одлетаа од Москва и другите руски градови за да ги помогнат повредените во денешната држава Туркменистан. Без оглед на нивните напори, околу 110 000 луѓе го загубија животот.
Земјотресот во Сичуан, Кина во 2008 година
Над 87,000 лица загинаа како резултат на овој земјотрес, а преку 10 милиони останаа без нивните домови. Причинетата штета се проценува на околу 86 милиарди долари. Дури 10 000 деца погинаа во училиштата за време на наставата. Сето ова беше причина за отварање на истрагата, која покажа дека 20 отсто од основните училиштa не биле асеизмично изградени и сигурни.
Земјотресот во Кашмир, Пакистан во 2005 година
Кашмир, кој е гранична провинција со спорна припадност помеѓу Пакистан и Индија, претрпе голема штета од многу силен земјотрес на 5 октомври 2005 година. Истиот додаде нови проблеми на ионака нестабилната и завојувана област. Земјотресот со магнитуда од 7,6 степени предизвика 79000 човечки жртви и остави милиони луѓе без покрив над главата. Спасувањето беше тешко поради планинскиот терен.
Земјотресот во Месина, Италија во 1908 година
Според денешните стандарди, земјотресот што на 28 декември 1908 година го погодил појасот помеѓу Сицилија и Калабрија, бил со магнитуда од 7,5 Рихтерови степени. По земјотресот следело огромно цунами, високо над 50 метри, кое со сета сила удрило во италијанскиот брег. Загинале повеќе од 80 илјади луѓе, а десетици градови биле уништени. Бегалците од Месина се сместиле во другите италијански градови.
Покрај прегледот на најсмртоносните земјотреси, значајно е да се види и кои биле најсилните земјотреси во човековата историја. Не секогаш најсилните се и најсмртоносни земјотреси и обратно. Тоа најмногу зависи дали погодениот регион има густа или ретка населеност, какви се градбите, во кој период бил земјотресот и сл. Интересно е што повеќе извонредно силни земјотреси се случиле токму во последните стотина години, што јасно се гледа во долната табела.
За луѓето, земјотресите претставуваат ненадејна и застрашувачка појава, понекогаш со катастрофални последици и големи човечки загуби. Сепак, тие, заедно со вулканите се основна движечка сила во Земјината еволуција – без нив, Земјата би била геолошки (па и биолошки) „мртва“ планета. Всушност, да не се земјотресите, за неколку милиони години Земјата ќе добие изглед на голема и еднолична брановидна рамнина, формирана и снижена од вековната ерозија. Затоа, да гледаме на земјотресите како на нешто позитивно што на суптилен начин ја менува целата планета, а не менува и нас самите!
Извори:
www.tiranaobserver.al/fatkeqesite-qe-lane-pas-miliona-te-vdekur-keta-jane-50-termetet-me-vdekjeprures-ne-histori/
mk.wikipedia.org/wiki
www.time.mk/c/3903abdca7/po-21-casot-uste-eden-potres-vo-skopje.html
www.igeografija.mk/Portal/?p=6876
Автор: Ардита Тоска, наставна насока;
Стручна корекција: д-р Ивица Милевски.