Најинтересните „микро-држави“ во светот!
оригинално објавено на: 3.2.2016
Постојат повеќе “микро држави“ низ светот, но само неколку од нив исполнуваат добар дел од зададените критериуми за формирање на држава. Заради разликите во нивната општествена еволуција и поставеност, тие се разликуваат и категоризираат. Така, постојат повеќе категории на “државност“: социјални, економски и политички симулации, кои највеќе наликуваат на “реалните“ држави; нови државни проекти; ентитети за лична забава и самопромоција; ентитети креирани за измамнички цели и слично. Во текстот, ќе бидат истакнати само најинтересните, што претставуваат само дел од повеќето микро држави во светот.
Силенд
Државата Силенд, се наоѓа во Северното море, на 12 километри од брегот на Велика Британија. Лежи на морска против-воздушна воена постава од Втората светска војна. Од 1967 година, на поставата живее семејството Бејтс, кое ја прогласи воената постава за држава Според нивното “статистичко биро“ во оваа “држава“ живеат вкупно 27 жители.
Кристијанија
Кристијанија е само прокламирана слободна зона во населбата Кристијансаун, во главниот град на Данска, Копенгаген. Зафаќа површина од 0,35 км2, каде што живеат “над 1000 жители“. Зачетоците на оваа администартивна форма се наоѓаат во 1971 година, откако пет луѓе зазеле воен комплекс, како протест против тогашните власти заради преголемите трошоци за домување во главниот град на Данска. Од тогаш, па наваму, се’ повеќе луѓе се придружиле на тој начин на протестирање, па така, денес во оваа “држава“ живеат 850 луѓе, а од 1989 година, дури и властите во Данска, го третираат овој феномен со посебен законски принцип, категоризирајќи ја оваа држава како специјална населба во рамките на Копенхаген. До 2004 година, Кристијанија важела за една од најлибералните зони во Европа, каде што и самата продажба и консумација на канабисот била декриминализирана.
Кристијанија има свое знаме и државна химна.
Сарк
Сарк е мал остров во архипелагот на Каналските острови, кој се наоѓа во Англискиот канал, кој ги раздвојува Англија и Франција. Зафаќа територија од 5,5 километри квадратни, а на островот живеат 600 жители. Претставува реликт на поранешното војводство на Нормандија. Денес, Сарк има слободни релации со кралската круна на Обединетото Кралство.
До скоро време, Сарк претставувал еден вид на феудален реликт, чувајќи ја средновековната форма на владеење се до 2008 година. Од тогаш, па наваму, неколку реформи го зафатиле системот на Сарк, најмногу заради потребата од усогласување со модерните европски стандарди и човековите права. Меѓутоа, општествената трансформација на островот Сарк сеуште не е завршена, па така, Сарк денес претставува единственото населено место каде што се забранети автомобилите, а превозот е организиран исклучиво од трактори и запрежни возила. Сарк, исто така е познат по “природниот мрак“ и исклучително малата загаденост, за што од астрономската dark sky асоцијација е прогласен за место каде што е возможно да се практикува астрономска опсервација со голо око.
Од останатите принципи кои сеуште живеат во последното упориште на феудализмот може да се напомене дека разводот е забранет, посетителите и дојденците не смеат да живеат во куќа постара од 1976 година, забрането е чувањето на гулаби, а жените имаат право да наследат имот од 1999 година па наваму.
Ериканска Империја
Империјата е лоцирана во “стан во Монтреал“, а во империјалистички посед, државата тврди право и на островот Ретсот во Нов Зеланд, потоа на северната полутопка на (планетата) Плутон; 1,6 километри квадратни од планетата Марс, и едно пасиште некаде на средниот запад во САД. Освен прокламираната станбена територија во Монтреал, останатиот “дел“ од оваа држава е фактички виртуелен. Ериканската Империја има 120 жители, од кои, најголем дел се дијаспора. Дипломатското претставништво на оваа држава се наоѓа на нивниот web сајт, каде што постои опција за апликација за државјанство. Основач на оваа држава, и веројатно единствен практичен жител е самиот основач Ерик Лин. Ериканската Империја има и своја државна религија која се вика Силинизам, односно обожување на “Големиот Пингвин“.
Република Молосија
Република Молосија се наоѓа во Дејтон, во сојузната држава Невада, во домот на основачот на оваа држава, Кевин Боу. Оваа “држава“, според основачот, претставува енклава во Невада, опфаќајќи територија од 5,000 метри квадратни (дворот на основачот Боу).
Република Молосија претставува еден од покомпактните проекти од ваков тип. Така, како самопрокламирана држава, Молосија се декларира како претседателска република со воена диктатура. Има 28 жители, своја часовна зона, официјален повикувачки број, знаме, химна, валута, па дури и проектирана вселенска програма. Започнувајќи како школски проект, основачот Кевин Боу ја ефектуирал својата работа во дефакто државен проект во 1999 година.
Од политички аспекти, интересен е податокот дека Република Молосија е првата држава која ја призна независноста на Косово. Се разбира, таквиот потег не е верификуван, токму поради тоа што и самата Молосија нема ниту една државна верификација за независност.
Република Либерленд
Слободна Република Либерленд е самопрогласена суверена држава. Се наоѓа помеѓу државите Хрватска и Србија, на западниот брег на реката Дунав во близина на градовите Змајевац (Хрватска) и Бачки Моноштор (Србија). На некои карти, оваа област е заведена како “Горна Сига”.
Појавата на микродржавата се смета како реакција на пограничниот спор помеѓу Хрватска и Србија. Па така, прогласувањето на независноста доаѓа во време кога областа не е прогласена за дел ниту од Хрватска ниту од Србија. Така, чешкиот политичар Вит Једличка ја искористил можноста ничијата земја да биде прогласена за слободна територија. Зафаќа вкупна површина од 7 км²
Мотото на Либерленд е “Да се живее и да живеат”, со што се поставени слободарските постулати на лична и економска слобода на својот народ, која е загарантирана со Уставот. На официјалниот сајт на “безданочниот рај“ се наведени и критериумите за добивање на државјанство. Така, доколку аплицирате за “слободарски“ пасош, мора да ги почитувате мислењата на другите, без разлика на нивната верска, етничка и расна припадност; да имате почит за приватната сопственост, која е недопирлива; да немате криминално минато, и веројатно најважното- да не сте комунист, нацист или приврзаник на било која друга екстремна општествена идеологија. Либерленд има свое знаме, грб и химна. Официјални јазици се англискиот и чешкиот јазик.
Кралство Талоса
Кралството Талоса е основана во 1979 година од страна на тогаш 14-годишниот Роберт Медисон од Милвоки. Таа е една од најстарите микро држави со web претставништво уште од 1995 година. Оваа “држава“ се смета за инспирација за појава на поголем број на микро држави.
Микро државата Талоса, зафаќа површина од 13 км², главно од градот Милвоки, кој е наречен “Голема Талоса“. Се разбира, оваа држава е игнорирана од Обединетите Нации. Во Кралството Талоса живеат 255 жители. Конститутивната монархија има свое знаме, химна и своја валута.
Кралство Елеоре
Кралството Елеоре се наоѓа на островот Елеоре, северно од данскиот остров Селанд. Зафаќа површина од 0.015 км², со популација од 263 жители.
Островот бил купен од страна на група на наставници од Копенхаген во 1944 година, за употреба како летен камп. Тие прогласиле независност на островот, како пародична реакција на наследната ројалистичка традиција на Кралството Данска.
Ова кралство е познато по забраната на новелата “Робинсон Крусо“, како и по својата засебна часовна зона, која е 12 минути зад средноевропското време. Кралството издава свои поштенски марки и монети. Монархијата Елеоре има свое знаме, химна и сопствена валута.
Кралство Редонда
Кралството Редонда е микро држава базирана на истоимениот ненаселен остров Редонда во Карипското море. Островот се наоѓа помеѓу островите Невис и Монсерат, Редонда моментално е зависна територија во рамките на Антигва и Барбуда. Островот е 1,7 километри долг, а широчината му изнесува 550 метри. Островот е прилично недостапен, со отежнати услови за живот, посебно заради тоа што нема извори на слатка вода.
Државата зафаќа територија од 2 километри квадратни, со популација од над 100 жители. Редонда, како микро држава, веројатно постоела како независно кралство во текот на 19 век.
Во 2007 година, пабот “Велингтон“ во Саутемптон, Англија, се обидел да се прогласи за амбасадата на Кралството Редонда, со цел да се здобијат со дипломатски имунитет и да се изземат од забраната за пушење на јавни места и затворени простории. Сепак, апликацијата била неуспешна.
Издвоените микро држави се најспецифични и најрепрезентативни. Покрај нив, постојат уште десетина останати. Нивното влијание во политичката категоризација на светот е минимално, дури и незабележително, меѓутоа во популарната култура зафаќаат се поголемо внимание, што ќе придонесе за нивна поголема актуелизација и добивање на полифункционалност и важност, од социјален, економски, па веројатно и политички аспект.
Извори:
About Liberland [https://liberland.org/en/about/]
Antigua Nice [http://www.antiguanice.com/v2/travel.php?cat=90]
BBC news [http://news.bbc.co.uk/2/hi/uk_news/england/hampshire/6246006.stm]
Business Insider [http://www.businessinsider.com/most-interesting-micronations-in-the-world-map-2015-6]
Hersch Lauterpacht (2012). Recognition in International Law. Cambridge University Press
History of Sealand Шhttp://www.sealandgov.org/about
Isle of Sark [http://www.sark.co.uk]
Kingdom of Elleore [http://www.simonsellars.com/kingdom-of-elleore]
Micronations: Castles in the Air [http://www.economist.com/node/5323713]
Montevideo Convention [https://www.ilsa.org]
Republic of Molossia [http://www.molossia.org]
Simeon Mitropolitski (2011): Weber’s Definition of the State as an Ethnographic Tool for Understanding the Contemporary Political Science State of the Discipline, annual conference of the Canadian Political Science Association, Wilfrid Laurier University
http://www.theguardian.com/world/2011/apr/28/christiania-copenhagen-squat-last-stand
Крстановски, М. (2010): Основи на право со туристичко право, ФТУ – Охрид
Мијалов, Р., Китевски, Г. (2015): Политичка географија, Скрипта за интерна употреба, ПМФ – Скопје
Автор: м-р Горан Китевски