3 November 2024
АрхиваСвет

Најдлабоката точка на планетата Земја – Маријанскиот Ров

оригинално објавено на: 29.12.2017

Додека илјадници алпинисти успешно го искачиле Монт Еверест, највисоката точка на Земјата, само 3 луѓе се спуштиле до најдлабоката точка на планетата – Маријанскиот Ров.

Се наоѓа на дното од Тихи Oкеан, околу 340 km југоисточно од островот Гуам, помеѓу Јапонија и Нова Гвинеја. Наречен е по островот Маријан, кој се наоѓа околу 100 km западно. Маријанскиот ров има длабочина од 10.994 m, долг е 2.542 km, а широк 69 km.

Слика 1.

Маријанскиот Ров за првпат бил истражуван во 1951 година од британскиот истражувачки брод Challenger II, така што е добиено  името за најдлабоката точка на ровот “The Challenger Deep”.

Најдлабоката точка се наоѓа во близина на југозападниот крај на Маријанскиот ров, а за првпат била истражувана во 1960 година од швајцарскиот научник Жак Пикард и потполковникот на американската морнарица Доналд Волш во батискаф (подморница наменета за истражување на поголемите морски длабочини) “Trieste”, која постави рекорд со нуркање на длабочина од 10.900 m (сѐ до 2012 година).

Експедицијата на Challenger II го дала првиот увид на длабоките океански басени и други карактеристики на дното на океанот. Покрај истражувањето на Маријанскиот Ров, Challenger II собрал важни податоци за карактеристиките и видовите на Пацификот, Атлантикот и Индискиот Океан, кои опфаќале речиси 130.000 km2. Речиси 5000 нови видови морски суштества биле откриени за време на 4 годишната експедиција.

Во последните неколку години имало нови истражувања, така што со секое ново истражување се добивале нови информации на различни длабочини. Во март 2012 година канадскиот режисер Џејмс Камерон се спуштил на дното на Маријанскиот ров. За време на оваа експедиција била достигната рекордна длабочина од 10.908 m. Повеќе за тоа може да прочитате тука. http://www.igeografija.mk/Portal/?p=1896

Како се формирал ровот?

Маријанскиот ров е создаден од процесот што се јавува во зона на субдукција, каде што се судираат две масивни плочи. Во зона на субдукција, едно парче океанска кора се турка и се влече под другата. Каде што се пресекуваат двете плочи, едната од нив се вовлекува под другата, па така се создава ровот. Во овој случај, Пацифичката плоча се вовлекува под Филипинската плоча.

Синџирот на вулкани кои се издигаат над океанските бранови за да се формираат Маријанските Острови го одразува лакот на Маријанскиот Ров во облик на полумесечина.

Повеќе од 90% од Маријанскиот Ров е во целосна темнина. Ова отсуство на светлина создава животни со див изглед, кои изгледаат како да се од друга планета. Со деталното истражување на Маријанскиот ров, истражувачите заклучиле дека геологијата и биологијата на овој простор се неверојатни. Сондите, меѓу другото успеале да документираат нови видови на медузи, проѕирен октопод и морски сунѓер, долг повеќе од 3,3 m, широк 2 m и висок околу 1,5 m.

Спроведена студија од 2016-та година го истражувала звукот со траење од 3,5 секунди, кој бил снимен од подоморница длабоко во ровот. Звукот бил нискофреквентен и укажувал на нов вид на беззаби китови и бил снимен повеќе пати во периодот од 2014 – 2015 година.

Едно друго истражување од 2016-та година пак, во кое била вклучена подморницата NOAA – “National oceanic and atmospheric administration“, на длабочина од 3.500 m пронашла сосема нов облик на медуза.

Уште едно интересно животно пронајдено во овој ров е Deep Sea Anglerfish. Името го добило по издолжената ‘рбетница која се придржува до орган што произведува светлина и го користи како мамка за да го привлече пленот. Откако пленот ќе биде уловен ги користи огромните заби, убива и се храни.

Deep Sea Dragonfish е див предатор кој живее на длабочина до 5.000 m. Ова животно е долго околу 15 cm. Името го добило поради сличната анатомија на кинескиот змеј.

Во една неодамнешна студија, истражувачки тим предводен од Универзитетот Њукасл покажува дека хемикалии, кои биле забранети во 1970-тите сѐ уште демнат во најдлабоките делови на океанот.

Додека се земале примероци од амфиподи од Маријанскиот Ров, истражувачите откриле екстремно високи нивоа на постојани органски загадувачи (POPs) во масното ткиво на организмите. Тие вклучуваат полихлорирани бифенили (PCBs) и полибромирани дифенил етери (PBDEs), хемикалии кои најчесто се користат како електрични изолатори и запаливи средства. Овие POPs беа ослободени во животната средина преку индустриски несреќи и истекувања на депонии од 1930-тите до 1970-тите, кога тие конечно беа забранети.

Бидејќи не може да се деградираат природно, тие со децении се во животната средина, достигнувајќи го дното на океанот преку контаминирани пластични остатоци и мртви животни. Полутантите потоа се носат од суштество до суштество преку синџирот на исхрана на океанот, што на крајот резултира со хемиски концентрации далеку повисоки од загадувањето на површинските нивоа.

Бидејќи Гуам е територија на Соединетите Американски Држави тие имаат јурисдикција над Маријанскиот Ров. Во 2009 година, претседателот Џорџ В. Буш го прогласил Маријанскиот Ров за национален споменик. Националниот споменик се состои од 3 делови, и тоа: единица на острови, едница на вулкани и единица на ровови.

Со оглед на тоа што досега речиси и нема снимки на длабочини поголеми од 6-7 km, со мисијата Deepsea Challenger и останатите предвидени експедиции, се очекуваат многу нови сознанија за најдлабоките предели на Земјата и тајните што ги кријат. Од досегашните истражувања, во длабоките води (над 1 km) се откриени многу чудни, па дури и бизарни суштества со впечатлив изглед, прилагодени за живот во средини со малку кислород, големи притисоци и недостаток на светлина.

Извори:

deepseachallenge.com
geology.com
livescience.com
marianatrench.com

Изработиле:

Христијан Марковиќ, ученик во СОУ „БОГДАНЦИ” – Богданци

Славица Тенекиџиева, дипломиран географ

Корекција: Билјана Бабаноска