4 November 2024
АрхиваСвет

Најголемото вулканско езеро на Земјата

оригинално објавено на: 07.05.2020

Езерата претставуваат вдлабнатини на копното кои се исполнети со вода. Според настанокот на вдлабнатината, потеклото и својствата на водата има повеќе различни типови на езера. Класификацијата на езрата може да се изведе на различни начини. Првично езерата според настанокот на езерските басени се делат на природни и вештачки езера. Во природни езера се вбројуваат  тектонските,  ерозивните и акумулативните езера. Во групата на тектонски езера спаѓаат и вулканските езера. Тие се формираат во кратерите или калдерите на изгаснатите вулкани, а нивната површина најчесто е кружна.

Сл. 1

Суматра е остров во Индонезија. Тој е наjголем остров на територијата на Индонезија според својата површина, а исто така се наоѓа и помеѓу 6-те најголеми острови на Земајта со површина од 473.481 км2.  На островот живеат околу 58,5 милиони жители. Густината на населеност на островот изнесува 123ж/км2 и според тоа спаѓа во 5-те најгусто населени острови на Земјата. Суматра е остров каде што се зборуваат многу јазици, се мешаат различни религии, народи, како и остров со извонредно голем биодиверзитет. Покрај тоа, островот изобилува и со други природни убавини помеѓу кои се истакнува и вулканското езеро Тоба.

Езерото  Тоба се наоѓа во северниот дел на островот Суматра. Езерото се создало во самата калдера на истоимениот вулкан на надморска висина од 900 м.  Долго е 100 км, широко околу 30 км, длабоко 505 м, со површина од 1.130 км2 што го прави најголемо езеро во Индонезија и Југоисточна Азија, како  и најголемо вулканско езеро на Земјата.

Сл. 2

Езерото Тоба настанало како резултат на супервулканска ерупција што се случила според некои проценки пред 69.000 до 77.000 години. Таквата вулканска ерупција се смета како најголемата ерупција која се случила на Земјата во последните 25 милиони години. Според одредени научи наоди се верува дека вулканска ерупција има и влијание врз генетскиот развој на одредено население во Африка и Азија. Пирокластичниот материјал што го исфрлил вулканот уништил област со површина  околу 20 000 км2. Самата ерупцијата предизвикала значително редуцирање на температурите за 3 °C до 5 °C, а во некои предели и до 15 °C. Исто така, како резултат на ерупцијата во некои делови во светот долшло до појава на вулканска зима.

Сл. 3

Во непосредна близина на езерото живее популација од околу 102.477 жители. Во поглед на растителниот свет целокупната територија околу езерото е покриена со тропски дождовни шуми, а животинскиот свет во езерото поради ниското ниво на хранливи материи е претставен со одредени ендемични видови на риби.

Сл. 4
Сл. 5

Користена литература:

Колчакоски Д.(2004): Физичка географија на Република Македонија, ПМФ, Скопје

Василески Д.: (2006) Хидрологија, скрипта, ПМФ, Скопје

https://en.wikipedia.org/wiki/Lake_Toba

https://en.wikipedia.org/wiki/Sumatra#Geography

https://en.wikipedia.org/wiki/List_of_islands_by_population

https://authentic-indonesia.com/blog/11-amazing-facts-about-lake-toba/

Подготвил: Благојче Најдоски, наставник по географија