21 January 2025
LatestГеовестиСвет

НАЈГОЛЕМАТА ГРАВИТАЦИСКА АНОМАЛИЈА НА СВЕТОТ:„ГЕОИДНАТА ДЕПРЕСИЈА НА ИНДИСКИОТ ОКЕАН“ (INDIAN OCEAN GEOID LOW)

„Indian Ocean Geoid Low“ (IOGL) претставува најголемата геоидна аномалија на Земјата, лоцирана во Индискиот Океан. Оваа аномалија е позната и како „гравитациска дупка“ поради значително пониската гравитација во овој регион. Оваа аномалија е откриена во 1948 година од страна на холандскиот геофизичар Феликс Андрис Венинг Мајнес, кој користел специјален инструмент за мерење на гравитацијата на море. Оваа геоидна аномалија се наоѓа југозападно од Шри Ланка и Канијакумари, најјужната точка Индија и источно од Рогот на Африка. Оваа аномалија покрива површина од околу 3 милиони квадратни километри и има дијаметар во должина од над 2.000 km, што е речиси големината на Индија. Поради пониската локална гравитација, нивото на морето во овој регион е до 106 метри пониско од глобалното просечно ниво на морето.

Слика 1. Каерта на геоидната површина што покажува како ќе се промени висината и дистрибуцијата на водата со отстранување на ефектите од плимата и струите. Извор: Европската вселенска агенција (ESA)

Геоидната депресија на Индискиот Океан резултат на масовен дефицит во длабоката мантија на Земјата. Научниците од Индискиот Институт за Наука (Indian Institute of Science) и Германскиот Центар за Геонауки (GFZ) откриле дека оваа аномалија е предизвикана од фрагменти од потонатото дно на многу постар океан, Тетис, кои се наоѓаат во Земјината мантија, како последица на на тектонските движења и колизијата на Индиската плоча со Централна Азија, пред околу 20 милиони години. Овие фрагменти се поместени од мантиски плумови со пониска густина и топла магма од внатрешноста на Земјата. Овие плумови се составени од топла и помалку густа магма, што резултира со пониска гравитација во овој регион. Овој полесен материјал се протега на длабочина од 300 km до 900 km во северниот дел на Индискиот Океан.

Слика 2. Исечок од 3Д модел на визуелизација на гравитацијата на Земјата. (Извор: International Centre for Global Earth Models (ICGEM))

Силата на гравитација, не е униформа насекаде на земјината топка, бидејќи гравитацијата варира во зависност од тоа што се наоѓа под површината на Земјата: во кората, јадрото и обвивката, а зависи и од нивната густина и маса. Гравитацијата во овој регион е послаба за околу 50 милигал (0.005%) во споредба со нормалната гравитација на Земјата. Оваа разлика во гравитацијата предизвикува значителни промени во нивото на морето и влијае на океанските струи и климатските услови во регионот.

Искористена литература:

Изработил:

Асс. м-р Арсе Кузманоски