МЕТЕОРИ
оригинално објавено на: 23 Nov 2011
Земјата патува околу Сонцето. Кога таа ќе влезе во регион кој содржи прав од кометите, честичките удираат во горниот дел на атмосферата. Топлината и триењето предизвикуваат тие да горат и при тоа од површината тоа се забележува како светлечка трага, која ние ја викаме метеор. Метеорите се најмали темни и ладни небесни тела во сончевиот систем, кои за време на ведрите ноќи ненадејно се појавуваат во облик на светлечки точки и брзо прелетуваат од еден на друг крај на небото.
Името го добиле од зборот meteoron што значи воздушна појава или појава на небото. Метеорот се појавува кога ситно тело од Сончевиот Систем влегува во Земјината атмосфера и се загрева до точка каде испушта светлечка трага. Пред тој момент, таквото тело се движело во интерпланетарниот простор и се нарекува метеороид.
Светлечката трага на метеорот нормално започнува на висина од околу 110 км. Во повеќето случаи, трагата завршува на 80 км од земјината површина. Во зависност од јонизацијата и процесите на распад, трагите на метеорите можат да траат од дел од секунда до неколку секунди.
Карактеристики што се својствени за метеорите се бојата и звукот. Имено, бојата на метеорите зависи од нивото на минерали, а звукот иако тој секогаш не може да се слишне е во вид на виеж или шум.
Понекогаш метеорите се јавуваат во голем број и тогаш формираат т.н. метеорски рој, кој како да извира од една точка на небото. Во роевите има од 10 до 1000 метеорски појави за еден час. Понекогаш има дури и 10 000 метеори за еден час.
Најпознати метеорски роеви се Персеиди и Леониди. Максималната активност на ројот персеиди е од 9-ти до 14-ти Август. Како што деновите стануваат се пократки и поладни, се наближува метеорскиот рој Леониди. Неговата активност почнува некаде од 14-ти и трае до 20-ти Ноември. Неговиот максимум е на 17-ти Ноември. Други позначајни метеорски роеви се: Геминиди, Урсиди, Квадрантиди, Лириди и други.
Често се случува метеорот да се појави во облик на голема топка која останува кратко време во атмисферата и по исчезнувањето на светлината. Таа појава се вика болид. Најсилна светлина болидите имаат на висина од 50-60 км.
Доколку метеороидот е доволно голем и јак, а влезната брзина е помала од 25 км/с, тогаш на Земјината површина може да допрат цврсти остатоци. Тие се нарекуваат метеорити. Метеоритите секогаш имаат назив според местото каде што се пронајдени, обично блискиот град или географска карактеристика.
Метеоритите паѓаат на Земјата со појава на остар виеж и при ударот на Земјата произведуваат потреси и создаваат кратери. Еден од најпознатите метеорски кратери, кој најдобро е истражен и проучен, се наоѓа во Аризона (САД). Неговиот пречник изнесува 1.200 м., а неговата длабочина 175 д0 180 м. Овој кратер е наречен Аризонски кратер. Други позначајни метеорски кратери се: Ашанти (Гана) со 9.800 м. ширина и 350 м. длабочина, потоа Чаб (Лабрадор) со 3.600 м. ширина и 550 м. длабочина.
Минаралогот Винченцо Де Микеле од Civico Museo di Storia Naturale во Милано истражувал свежи ударни кратери. Тој со помош на апликацијата Google Earth успеал да го пронајде најсочуваниот кратер на денешницата кој се наоѓа на тромеѓето помеѓу Египет, Либија и Судан. Исто така, еден од роботите на NASA има откриено метеорити на црвената планета, т.е. Марс.
Што се однесува, пак, на големината на метеоритите, тиа можат да имаат тежина од неколку килограми па се до 100 тони. Најголем до сега откриен метеорит се наоѓа во Намибија, во Југозападна Африка. Откриен е во 1920 година, а името Хобо го добил по фармата каде е најден. Неговата должина и неговата ширина изнесуваат 3 м., а дебелината 1 м., додека, пак, тежината му е околу 60-70 тони.
На нашите простори, односно на Балканскиот Полуостров забележани се повеќе паѓања на метеорити. Меѓу најголемите е маевичкиот метеорит кој паднал на 20.07.1897 година кај с. Завида во Србија, со тежина од 80-85 кг. Кај местото Храсчине, во Хрватското Загорје, во 1651 година, паднале неколку парчиња од железни метеорити, од кои најтешкото имало 40 кг. Тоа денес се чува во Природно-научниот музеј во Виена.
Метеоритите се единствени небесни тела кои се достапни за директи набљудувања и проучувања. Изучувањето на метеоротите може да ни биде од драгоцена корист при објаснувањето на извесни физичко-хемиски својства на Земјата, особено за оние делови кои се недостапни за набљудување.
Литература:
Андоновски Т, Милевски И (2007): Математичка Географија, универзитетски учебник, Скопје
Интернет страни:
www.astronomija.com.mk tema: Meteori.
www.nasa.gov
http://meteorite.org
www.wikipedia.org
Подготвил: Трајче Лазороски