28 March 2025
АрхиваМакедонија

Мариово – Девствена убавина на југот на Македонија

оригинално објавено на 9.03.2017

Областа Мариово се наоѓа во јужниот дел на Република Македонија и зафаќа вкупна површина од 1038 km² или 4% од вкупната територија на Република Македонија, со надморска височина која се движи помеѓу 700 и 2362 m, или во просек некаде околу 1090 m.

Морфолошки Мариово е составено од два дела, планински и котлински дел. Планинскиот дел го сочинуваат околните планини што ја оградуваат областа. Тие се изградени од гнајсеви, шкрилци и варовници, а поретко и од вулкански карпи: гранити, габро, дијабази, серпентини и др., кои често се проследени со рудни жици на метали: феро-никел, антимон и др. Поголемиот дел од планините е гол или обраснат со ретка и доста деградирана дабова шума, а има делови каде се наоѓаат и бујни букови и четинарски шуми на црн и бел бор. Co богатство од шуми се истакнуваат планините Козјак и Ниџе. Над шумите се наоѓа бујна тревна вегетација на високопланински пасишта кои се мошне погодни за развој на сточарството, особено овчарството.

Котлинскиот дел го сочинува Мариовската Котлина која се наоѓа на надморска височина од 1.080 m. Таа е доста расчленета со долините на Црна и нејзините притоки, кои со интензивна вертикална ерозија формирале длабоки долини во вид на клисури и кањони, со височина и до 800 m. За време на плиоцентот, таа се наоѓала под вода на некогашното езеро кое во плеистоценот истекло, а на дното оставило дебели наслаги од неоген материјал од дијатомејска земја, лигнит и др. Нив ги има во атарите на селата: Витолиште, Бешиште, Манастир, Старавина и Зович.

Мариово е распространето во средното сливно подрчје на Црна Река, под пазувите на планинските вериги кои како венец го опкружуваат од сите страни. Од северната страна е Дрен Планина, која кон запад прави лак со Селечка Планина. На југ се шири масиот Ниџе со легендарниот Кајмакчалан, потоа Кожув кој оди на исток, а со Козјак го затвора кругот од исток до север. Овие планински масиви придонесуваат за изолираноста на Мариово. Реката Црна влегува во Мариово од југозападниот крај, поминувајќи низ средиштето на оваа котлина, за да излезе на североисток под Кавадарци. Црна Река, всушност, го дели Мариово на Големо и Мало или Старо и Ново Мариово, а според географската положба и пристапот кон поголемите градски центри, Мариово се дели на Битолско, Прилепско и Кавадаречко,

Aтракции вредни за посетување

Кајмакчалан е највисокиот врв на планината Ниџе во Република Македонија (2,521 m) и во текот на Првата светска војна бил една од клучните позиции на Македонскиот Фронт. Од врвот Кајмакчалан се гледаат Островското езеро и Петерското езеро во Грција, како и областа Мариово. Во подножјето на Кајмакчалан се наоѓаат селата Скочивир, во Македонија, како и селото Чеган и ски-центарот Ворас, во Грција. Најпозната е битката за Кајмакчалан која е водена помеѓу 12 и 30 септември 1916 година. Помеѓу 26 и 30 Септември борбите биле особено жестоки, се додека српската војска не го зазела и задржала на 30 септември.

Тврдината Пешта

Еден од симболите на Македонскиот непокор – Тврдината Пешта, се наоѓа во срцето на Мариово, помеѓу селата Градешница и Старавина. Тврдината Пешта е поврзана со приказната за Калеш Анѓа, мариовска девојка со челична волја спремна и по цена на својот живот да ја зачува својата вера и да не се предаде на прилепскиот кадија. Калеш Анѓа била заробена на подмолен начин и нејзиното спасување од домот на кадијата, на некој начин претставува вовед во организирано востание против Отоманската империја или т.н. „Мариовска буна“(1564/65 г).

Мостот се вбројува меѓу најубавите архитектонски дела во Мариово. Изграден е од камен, односно делкани и приделкани камени блокови. Во средновековниот период, на местото на камениот мост постоел веројатно дрвен, кој по кажување на жители од селото, бил срушен кога во една прилика при транспорт бил преоптоварен. Дури во 1955/6 година повторно бил изграден со залагање на месното население и колективите. Непосредно кај приодот кон мостот, на една висока карпа е насликан светецот Свети Ѓорѓи, кој е еден вид на остаток од црквичето кое во минатото постоело таму.

Живописот датира од поново време, односно од 1925 година, која е испишана заедно со имињата на дарителите.

На мостот во селото преку кој се оди до прилепскиот дел на Мариово, односно до селата Бешиште и Полчиште, најпознатиот македонски режисер Милчо Манчевски сними дел од својот филм “Прашина”. Oд тогаш овој мост стана туристичка атракција која редовно ја посетуваат странски и домашни туристи. Заради својата популарност мостот доби име “филмски мост” и претставува една од најфотографираните и најпосетените локации во цело Мариово.

Во непосредна близина на Црна Река, на околу 30 мин. пешачење од Рапешкиот Мост, на чистата и незагадена Брничка Река се наоѓа Брничкиот Водопад. Живописната долина го надополнува пејзажот со водопадот кој претставува реткост во овие краишта, во кој водата слободно паѓа од 18 метри височина. Целокупниот амбиент на мир и спокојство го надополнува романтичното доживување при престојот на ова место. Водопадот е доста оддалечен од с. Брник и од сите околни патишта, теренот не е обележан, па така се препорачува негова посета само во присуство на водич.

Манастир Св. Ѓорѓи во близина на с. Паралово

Во близина на село Паралово се наоѓа и еден од најубавите манастири во овој крај – Св. Ѓорѓи, надалеку познат по своите конаци. Во овој храм, се верува дека е скриен еден прст од раката на Св. Ѓорѓи. За време на Првата светска војна, ова село се наоѓало на самата фронтова линија и истото било скоро целосно разрушено. Истата судбина ја имал и манастирот чии конаци биле целосно разрушени, а храмот Св. Ѓорѓи претрпел сериозни оштетувања. Селаните биле иселени во Живојно и по завршувањето на војната, се вратиле и го обновиле селото и манастирот, кој денес е еден од најубавите во овој регион.

Во непосредна близина на манастирот се наоѓа гробот на славниот македонски војвода Ѓорѓи Сугарев, кој со својата чета загина на 24 март 1906 година, во месноста Чукарите. Село Паралово и Ѓорѓи Сугарев се споменуваат и во една од најпознатите песни од Мариово „Заплакало е Мариово“.

Мариово изобилува и со прекрасни предели кои се перфектното пребеглиште од стресното секојдневие. Пејсажот кој краде воздишки, го повикува човекот со својот нескротен авантуристички дух да ги открие и нејзините најтаинствени делови. Недопрената примамлива природа повикува, човекот е на потег.

Извори:

Мавровска К., Македонски национални бивери – Мариово, 2005
www.itarpejo.org

Подготвила: Ниневска Христина, студент на Институт за географија, насока ГИС