22 January 2025
АрхиваМакедонија

Македонски портали за туризам

оригинално објавено на: 28.11.2017

Република Македонија е сѐ повеќе посетувана од туристи во однос на изминатите години. Веб-сајтовите наменети за промоција на туризмот и туристичките атракции и локалитети имаат голем придонес за тоа.

Во Република Македонија постојат голем број на портали кои се исклучиво за туристичка намена. Ние ќе издвоиме само неколку од нив.

Macedonia Timeless – www.macedonia-timeless.com

Слика 1. “Macedonia Timeless”

Овој веб-сајт содржи најразлични информации за туристичките региони и градовите во Р. Македонија. Може да се најдат податоци за природните убавини, културно – историското наследство, македонската традиција, манифестации, македонски специјалитети, рурални убавини и настани. Освен тоа, достапни се податоци за превоз, изнајмување на возила, сместување, ресторани, услуги, атракции, активности за одредено подрачје, како и организирани тури. Достапни се и водичи за манастирите, регионите и локалитетите во Република Македонија.

Exploring Macedonia – www.exploringmacedonia.com

Exploring Macedonia е Национален портал за туризам, кој со својата сеопфатност ги задоволува потребите на туристите, како и на туроператорите. Како Национален портал за туризам на Македонија, Exploring Macedonia опфаќа содржини кои ги истакнуваат основните причини зошто еден турист треба да ја посети Македонија. Овој портал е со богата содржина за националните вредности. Туку можат да се најдат основни информации за Македонија, македонските градови и езера, културно и историско наследство, можноста за сместување, еко-туризам, како и секогаш интересниот „дали знаевте дека“ сектор, во кој се скриени исклучителни, не толку познати информации за нашата прекрасна земја. Тука се и дополнителните информации како што се, како да се стигне до Македонија, како да се патува низ неа со различни превозни средства, конвертор на странски валути во денари и слично.

Travel to Macedonia – www.travel2macedonia.com.mk

Македонски портал и водич за промоција на Македонија како туристичка дестинација, како и понудата за хотели, ресторани, туристички водичи и друго. Може да се каже дека порталот е успешен, високорангиран на пребарувачите, кој се користи со цел развој на туризмот во Македонија, подобро запознавање на туристите со природните и културно-историските вредности. На порталот може да се најдат информации за географската положба, климата, регионите, јазикок, популацијата и економијата на Р. Македонија. Исто така, претставени се повеќе видови на туризам, планини, македонската кујна, фолклорот и познати и специфични атракции во Р. Македонија.

Macedonian Hotels – www.macedonian-hotels.mk

Оваа интернет страница е развиена за да понуди информации и услуги за патниците кои доаѓаат во Македонија. Страницата обезбедува голем број на сместувачки единици во Република Македонија. Нуди информации за повеќе од 400 хотели и апартмани, капацитети и услови во хотелите, капацитети и специфичности на собите, локација и достапност. Има можност да се најде прифатлива цена за добар хотел, да се направи споредба на хотели и цени, како и да се направи онлајн резервација.

Macedonia Experience – www.macedoniaexperience.com

Macedonia Experience е веб-сајт кој располага со податоци за Република Македонија, за географската положба, како да се стигне до Р. Македонија, познати туристички атракции, календар со културни настани, за храната и специјалитети, музеите, природните убавини и знаменитости и слично. Целта на овој портал е преку промоција на искуства и авантуристичко патување, помешано со културни и гастрономски вредности со интересни локални жители, да се добие фокус на нераспаднатите рурални области низ целата земја. Овој портал бил препознат од истакнати медиуми во Велика Британија и САД, како што се Њујорк тајмс, ЛА Тајмс, Vogue, Wanderlust, Telegraph, Metro и Travel Weekly.

Слика 2. “Macedonia Experience”

Ohrid.com.mk – www.ohrid.com.mk

Портал ohrid.com.mk е туристички портал кој е наменет за помош на туристите кои би сакале да го посетат т.н. Балкански и Европски Ерусалим, односно „градот на светлината“ – Охрид. Овој сајт нуди секаков тип на информации за Охрид, меѓу кои, општи карактеристики на градот (профил на градот, историја, археологија, природа, култура, ракотворби, културно наследство), помош за барање на сместување (хотели, приватно сместување и кампови, како и контакт од нив), што да се види (ноќен живот, маршути и патеки, алтернативен туризам, настани, плажи, храна и пијалаци и слично). Исто така, на сајтот може да се најде патоказ, односно објаснување за тоа како може да се стигне до Охрид. Ohrid.com.mk е одличен македонски туристички сајт кој е од голема помош за туристите од светот кои би сакале да се одлучат за одмор токму во овој град.

Слика 3. “Ohrid”

Целта на ваквите туристички портали е да се прикаже туристичка понуда, односно да се промовира туризмот во Република Македонија. Овој вид на веб-сајтови им овозможува на корисниците пристапност до податоци и информации за одредени подрачја и локалитети, што придонесува за позитивно согледување на развојот на туризмот во Република Македонија.

Извори:

exploringmacedonia.com

macedoniaexperience.com

macedonian-hotels.mk

macedonia-timeless.com

ohrid.com.mk

travel2macedonia.com.mk

Изработила: Теодора Ѓоргиева

Корекција: Билјана Бабаноска