Лагос – градот на можностите
оригинално објавено на: 22.12.2020
Лагос е најнаселениот град во Нигерија и воопшто на Африканскиот континент. Тој е сместен на западните брегови на Африканското копно и претставува единствениот град во Африка, кој се наоѓа на листата на топ 10 најнаселени градови во светот.
Поволната географска положба, како главно пристаниште и големите резерви на нафта, овозможиле Лагос да стане главен финансиски, индустриски и културен центар во Нигерија, а и на Африканскиот континент. Поради богатството, луксузот, модерната архитектура и можностите што ги нуди Лагос, наречен е „европско парче во Африка“, а меѓу Нигеријците е познат и како град на можностите. Поради огромните разлики во развојот на Лагос и останатите делови на Нигерија, се проценува дека во него се доселуваат околу 3000 нови жители секој ден.
Покрај развиената економија, синоним за Лагос претставуваат модерната архитектура и луксузните ноќни клубови. Возбудливиот ноќен живот и прекрасните плажи што ги нуди овој град го прават се попривлечен за туристи од сите делови на светот. Лагос исто така е дом на Нигериската и Африканската култура, а исто така и на најголемите Нигериски уметници, музичари итн. Неговата отвореност кон светот, овозможила во него да се развијат најразлични културни дејности и музички жанрови на Африканскиот континент. Сликите од огромните модерни облакодери и прекрасните плажи ни даваат впечаток како Лагос да е идеално место за живот на нашата планета.
Сепак, ако истражиме малку повеќе за Лагос и се оддалечиме од неговото централно подрачје, не очекува сосема друг призор. Надвор од централното подрачје на Лагос владее сиромаштија и урбан хаос. Поради лошото планирање на развојот на градот, тој се соочува со пренаселеност, која пак доведува до големи урбанистички проблеми. Големите гужви во сообраќајот, недоволно добро планираните населби, дивите депонии, загадениот воздух, големите стапки на криминал, се дел од секојдневието на овој град.
Со согледување на убавите страни и проблемите со кои се соочува овој најнаселен Нигериски град, може да увидиме колку е значајно просторното планирање за правилен развој и колку малку фали од „рај на земјата“, еден простор да се претвори во нефункционална голема депонија. Градот Лагос е пример за тоа како неправилно се менаџира со природните ресурси со едно урбано подрачје и како може еден богат град на можности, да прерасне во град со голема сиромаштија, загадена животна средина, лошо организиран сообраќај и останати проблеми.
Користена литература:
www.britannica.com/place/Lagos-Nigeria
en.wikipedia.org/wiki/Lagos
www.nationalgeographic.com/magazine/2015/01/lagos-nigeria-africas-first-city/
theculturetrip.com/africa/nigeria/articles/top-10-things-to-see-and-do-in-lagos/
www.coolgeography.co.uk/gcsen/Location_Importance_Lagos.php
www.pulse.ng/lifestyle/food-travel/6-interesting-facts-about-lagos/sxw5k81
Автор: Здравко Манолев, студент на Институтот за географија