21 January 2025
АрхиваМакедонијаСвет

Краток осврт на земјотресот во Лерин-Битола од 9-ти јануари 2022

оригинално објавено на: 26.01.2022

Земјотрес или потрес на земјата е природна појава која настанува како резултат од поместувањето на тектонските плочи. Всушност, тектонските плочи постојано се движат и акумулираат енергија која наеднаш ја испуштаат и тогаш се појавува земјотрес. За да ги претставиме јачината и интензитетот на земјотресите се користат поимите хипоцентар, епицентар и скали за јачина и интензитет. Хипоцентар претставува точка на одредена длабочина во Земјата каде започнал земјотресот, додека епицентар претставува точка на површината на Земјата која е најблиску до хипоцентарот. Земјотресите испуштаат бранови кои се мерат со помош на инструментот сеизмограф за да се одреди јачината, односно магнитудата на земјотресот. Магнитудата се утврдува според Рихтеровата скала која се мери во степени. Рихтеровата скала се движи од 0 до 9 степени, но не е ограничена до 9, туку до сега не бил регистриран земјотрес со поголема јачина. Интензитетот на земјотресот се мери со Меркалиевата или Европската макросеизмичка скала (ЕМС) според последиците од земјотресот. Последиците варираат во зависност од тоа дали ќе бидат почувствувани од само луѓе на повисоките катови или ќе предизвикаат катастрофални штети и ќе доведат до 12 степени на интензитет. Значи, интензитетот е мерката на ефектот на земјотресот врз луѓето и зградите на специфична локација, а мерењето на магнитудата (јачината) се одредува според развиената енергија за време на потресот. Територијата на Македонија е релативно трусно подрачје, со околу триесетина епицентрални подрачја, а најсилните земјотреси се регистрирани во Валандовско, Скопско, Дебарско, Пехчевско и Битолско подрачје.

На 9 јануари 2022 година Сеизмолошката опсерваторија регистрираше серија на земјотреси со епицентар во Лерин, Грција. Земјотресот најсилно го почувствувале граѓаните во југозападните делови на Македонија, а највознемирени биле во градот Битола. Првиот земјотрес беше со магнитута од 5.5 степени по Рихтер и IV според ЕМС, кој беше проследен со серија на земјотреси со различна јачина и интензитет. По Рихтеровата скала, магнитутадата ни укажува на умерен земјотрес кој може да предизвика штети на слабо изградени згради, паѓање на предмети од полици и сл. Според Европската макросеизмичка скала, последиците се умерени – ќе го почуствуваат многумина во затворен простор и некои на отворено, ако е ноќе некои ќе се разбудат, тресење на врати, прозори, пукање на ѕидовите и сл.

Слика 1.

На првиот земјотрес биле регистрирани над 40 афтершокови и според Сеизмолошката обсерваторија тлото нема да мирува до наредните неколку месеци. Во Битола земјотресите предизвикале само материјални штети врз неколку куќи, згради и други објекти, додека за во Лерин нема информација дали имало повредени. По серијата земјотреси, повеќето од населението во Битолско панично ги напуштиле домовите и ноќта ја поминале на улица. Земјотресните бранови со голем интензитет достигнале и до останатите делови на Македонија, па дури и до Косово, Албанија и Хрватска со помали последици, но сепак ова ја покажува просторната големина на оваа природна појава. Тлото нема да мирува во наредните неколку месеци така што можно е сѐ уште да траат афтершоковите. Земјотесите се непредвидливи и природни појави, па нема потреба да се грижиме за нив, бидејќи секогаш има можност да се појават со различни интензитети, а ризикот за катастрофална последица од земјотрес во Македонија е мал.

Користена литература:
sdk.mk/index.php/makedonija/merene-na-zemjotresite-rihter-meri-jachina-merkali-intenzitet/
www.dw.com/mk/
www.emsc-csem.org/Earthquake/earthquake.php?id=1085365

Подготвил: Никола Патлиџанковски, студент на Институт за географија, ПМФ