Кратово – градот на камени кули и мостови
оригинално објавено на: 22.04.2013
Градот Кратово се наоѓа во североисточниот дел на Република Македонија, помеѓу Крива Паланка, Пробиштип, Свети Николе, Куманово и Кочани. Сместено е во западниот дел на планината Осогово, во кружно ерозивно проширување што наликува на кратер и заградено со бројни вулкански купи. Низ Кратово тече Крива Река и три помали притоки кои во главната река се влеваат токму во градот. Името Кратово е добиено од местоположбата на градот кој се наоѓа на вулканска подлога, односно депресија што има изглед на вулкански кратер, а според преданието е добиено од зборовите “кират – ова” по името на тврдината на бреговите на Кратовска Река. Се претпоставува дека Кратово е меѓу најстарите градови на Балканот поради големиот број на артефакти пронајдени на ова место. Во околината на Кратово и Кратовско се пронајдени повеќе монети од времето на пајонскиот крал Адалјон (315-285 п.н.е.).
![](https://gp.edu.mk/wp-content/uploads/2023/12/Kratovo-krater.jpg)
Во непосредна близина на селото Шлегово се наоѓа рудник, за кој професор Стеван Симиќ во 1910 година направил систематско изтражување за сето она што можело да се види од античкото рударство. Во 1836 година, градот имал 56.000 жители. Во втората половина на 19 век, бројот на населението било неизменето. Во турските записи пишува дека од 303 куќи, 74 биле исламизирани, што во тогашна Македонија, Кратово спаѓал меѓу градовите кои биле најнаселени со муслимани. Според пописот во 2002 во Кратово живеат 6.924 жители од кои Македонци 6.724, Роми 151 и останати 49. Кратово е изградено со типична староградска македонска архитектура. Во градбите е значителен каменот и дрвната конструкција, пересте и плитар, со што на градбите им овозможува еластичност и цврстина. Стреите и таваните биле украсувани со декоративни штички. Чардаците на секоја куќа се посебно обележие на кратовската куќа.
![](https://gp.edu.mk/wp-content/uploads/2023/12/kratovo_01-1.gif)
Од чардакот зависел и обликот на куќата. Вратите на куќите се еден од најубавите и најобработени детаљи, тие се како еднокрилни или пак двокрилни. Во минатото секоја кратовска куќа имала бања за капење. Посебна просторија во куќата имала огниште, кое служело за загревање на просториите и за готвење храна. Кратово е познато по многуте легенди, како што се легендата за Радин Мост, легендата за Петте бора и двата костена, легендата за Сара како и по старите кули и мостови. За најпрочуениот Радин мост се раскажува потресна легенда за тоа дека во темелите е заѕидана Рада. Според приказната, мостот го граделе девет браќа, но тој постојано паѓал и за да го зацврстат одлучиле најмладата снаа жива да ја заѕидаат. Таа имала машко дете доенче и плачејќи побарала да и ја остават десната града, за да може да го дои чедото. Мостот се наоѓа на Манцева река и е подигнат 1833 година на две високи кули, од кои едната е висока 28, а другата 29 метри.
Кулите се особената гордост на овој град. Градени се во средновековието и некогаш биле 13. Денес во некоја “попристојна” состојба се само шест: Симиќева, Саат-кула, Златкова, Крстева, Емин-бегова и Хаџи-Костева кула. Интересно е што Кратово е град со најголем број на средновековни кули во Македонија. Кратово е познато и по археолошките локалитети: Златен град, Големо градиште, Куклица и Цоцев камен. Подрачјето на градот е покриено со природно зеленило, располага со убави излетнички места, како планината Лисец, Буковец, Црни Врв, потоа селото Горно Кратово, долината на реката Злетовица и Крива Река. Градот го има хотелот “Кратис”, повеќе угостителски објекти и градски олимписки базен. И како за крај ќе ви препорачам покрај бројните кратовски јадења, задолжително да пробате к’цана сол. Таа е дел од свечената трпеза за верскиот празник Велигден, а многу често и за Св. Троица.
Извори: www.wikipedia.org,
www.istrazijamakedonija.com.mk
Подготвила: Милена Милошевиќ, студент на институтот за Географија, насока Туризам.