20 May 2025
Вселена

Кон крајот на месецот, покрај Земјата ќе помине голем астероид

оригинално објавено на: 18.05.2013

Кон крајот на овој месец, џиновски астероид ќе пролета блиску до нашата планета приближувајќи и се на Земјата најмногу во последните два века. Сепак, најголемото  доближување кое ќе се случи на 31 мај ќе биде околу 5 милиони км, што е дури 15 пати повеќе од растојанието помеѓу Земјата и Месечината. Површината на астероидот е прекриена со мистериозна, леплива, црна материја, што укажува дека можеби станува збор за комета што прелетала преблиску до Сонцето. Астрономите, помеѓу 30 мај и 09 јуни, планираат користејќи добри радарски телескопи да добијат добар увид во оваа вселенска карпа наречена “Астероид 1998 QE2”. Во тој период ќе може да се проанализира големината, формата, ротацијата и површинските карактеристики на астероидот, како и да се добие увид за неговото потекло.

Слика 1.

Исто така, ќе се користат најновите технологии да се пресметаат брзината и растојанието како и точната орбита и дали воопштои во иднина би постоела опасност од удар на овој астероид со Земјата. За сега, се претпоставува дека можно место на потекло на овој астероид, е астероидниот појас меѓу орбитите на Марс и Јупитер.  Вселенската карпа беше откриена во 1998 година од страна на МИТ (технолошки институт на Масачусетс) кои утврдија дека пречникот на ова тело е близу 3 км. Тоа е навистина значителна големина и затоа спаѓа во групата на потенцијално опасни астероиди. Доколку би дошло до судир, би била предизвикана катастрофа на Земјата од глобални размери. За информации астероидот што удрил во Земјата пред околу 65 милиони години имал пречник од 11  км и предизвикал уништување на 90% од севкупниот растителен и животински свет. Научниците истакна дека речиси не постои можност „Астероидот 1998 QE2„ да се судри со Земјата, и претпоставуваат дека најблиското минување ке се случи во 2119 година.

Подготвилa: Стефани Стојановиќ