19 April 2025
FEATUREDLatestСвет

Кому му припаѓа Антарктикот?

Антарктикот е петти најголем континент на планетата Земја. Опфаќа територија од 14,200,000 km2, и е единствен меѓу континентите кој нема автохтоно, домородно население. Откриен е последен, во текот на 19 век – прво бил забележан од британската експедиција на морепловецот Едвард Брансфилд (1820), но и од руската експедиција на морепловецот Готлиб вон Белингсхаусен (1820). Први кои тврдат дека имале директен контакт со антарктичката маса се Французите, односно eкспедицијата предводена од капетанот Жил Димон д’Урвил (1840), но и Американците преку капетанот Чарлс Викерс и неговата експедиција (1840). Во 1895 година е првото потврдено укотвување на антарктичкото копно од страна на норвешко-шведска експедиција. Многу потемелни и посериозни истражувања се направени во првата половина на 20 век, во период до кога се оформуваат и територијалните претензии и права врз поларната пустина.

Слика 1. КАРТА НА КОНТИНЕНТОТ АНТАРКТИК
(извор: https://education.nationalgeographic.org/resource/antarctica/)

Така, Антарктикот влегол во сфера на интереси на вкупно седум држави: Од 1840 година, поточно од првиот директен контакт, Франција тврди дека полага право на брегот Адели, со вкупна територија од 432,000 км2. Од 1908 година, Велика Британија поставува право на дел од континентот, со вкупна зафатнина од 1,709,400 км2, именуван како Британска Антарктичка Територија. Во 1923 година, Нов Зеланд почнал да тврди дека секторот „Рос“ (450,000 км2 ) е нивна територија. Норвешка го смета Островот Петер I (154 km2) и регионот „Кралица Мод“ (2,7 милиони км2) како свој посед.

Австралија тврди дека имаат право да располагаат со најголем дел од Антарктикот, дури 5,896,500 км2, именувајќи ја територијата како „Австралиска Антарктичка Територија“ (1933). Од 1940 година, и Чиле се вклучува во „битката за Антарктикот“, и смета на 1,250,257 км2 од континентот, како „Чилеанска Антарктичка Територија“. Аргентина, од 1943 година, го формира планот за свој директен интерес на Антарктикот на вкупна територија од 1,461,597 км2, именувана како „Аргентински Антарктик“. Само еден дел од Антарктикот, територијата „Мери Брд“ со зафатнина од 1,610,000 км2 останала најголемата територија на светот на која никој не располага ниту тврди дека има права.

Така, Антарктикот станува зона на интерес на интернационално ниво, со потенцијал за посериозни дипломатски и политички проблеми и спорови, посебно поради преклопувачките територијални интереси. Заради тоа, во декември 1959 година е потпишан Антарктичкиот договор, од 12 земји чии научници и научни експедиции биле активни во и околу Антарктикот за време на Меѓународната геофизичка година (IGY). Потписници се: Аргентина, Австралија, Белгија, Чиле, Франција, Јапонија, Нов Зеланд, Норвешка, ЈАР, Советскиот Сојуз, Велика Британија, како и Соединетите Американски Држави.

Слика 2. ТЕРИТОРИЈАЛНИ ИНТЕРЕСИ ЗА АНТАРКТИКОТ
(извор: reddit.com)

Договорот стапува на сила во 1961 година, а со него, Антарктикот се воспоставува како научен резерват, каде што е забранета било каква политичка и воена активност, и се спречува да се поставуват нови барања за територијално право и суверенитет, додека барањата пред договорот на седумте држави ги зачувува. Заклучно со јануари 2024 година, Антарктичкиот Договорен Систем брои вкупно 56 членки. Од нашето соседство, членуваат Бугарија и Грција, додека од регионот, Словенија, Турција, Унгарија, Романија и др.

Според тоа, Антарктикот не може најпрецизно да се означи како terra nullius, туку повеќе како зона на интернационална кооперација, односно, Антарктикот е заедничка територија.

Слика 3. АНТАРКТИЧКИ ДОГОВОРЕН СИСТЕМ
(извор: British Antarctic Survey, www.bas.ac.uk)

Литература

Pyne, Stephen J. (2017). The Ice: A Journey to Antarctica. University of Washington Press

Secretariat of the Antarctic Treaty, The Antarctic Treaty, https://www.ats.aq/e/antarctictreaty.html

U.S. Department of State, Antarctic Region, Office of Ocean and Polar affairs, https://www.state.gov

National Geographic, https://education.nationalgeographic.org/resource/antarctica/

British Antarctic Survey, https://www.bas.ac.uk/about/antarctica/the-antarctic-treaty/

The Antarctic Treaty, https://documents.ats.aq/keydocs/vol_1/vol1_2_AT_Antarctic_Treaty_e.pdf

Marsh, Alex (2022): Antarctica: Home to Ice, Penguins, and Boundary Disputes, Soverein Limits,

Watt, Lize-Marié van der. “Antarctica”. Encyclopedia Britannica, 23.1. 2024, https://www.britannica.com/place/Antarctica.

Автор: доц. д-р Горан Китевски