Коментар по написот: „Колку изнесува реалната топографска површина на Република Македонија“ објавен на ИГЕО-ПОРТАЛОТ под авторство на д-р Ивица Милевски
оригинално објавено на: 02.11.2013
Неодамна, поточно на 26.10.2013 година на игео-порталот на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје под авторство на проф. д-р Ивица Милевски беше објавен написот „Колку изнесува реалната топографска површина на Република Македонија“. Прашањето е сериозно и реално претставува мошне сложен научен проблем. Во написот е потенцирана големината на статистичката површина на територијата на Република Македонија која изнесува 25713 км кв., а во продолжение е објавен податок дека „реалната топографска површина на Република Македонија изнесува 26887 км кв.“. Имајќи го предвид претежно планинскиот карактер на релјефот на Република Македонија вака објавениот податок (и покрај тоа што самиот автор наведува дека треба да се земе со резерва) неможе и несмее да се земе како реален факт, бидејќи, овој проблем на апроксимативно одредување на реална површина и волумен на територијата на Република Македонија е поставен и е воспоставена соодветна методологија за решавање на истиот. Проблемот е презентиран пред аудиториумот на IV-от Конгрес на географите од Република Македонија со меѓународно учество одржан во Дојран. Според воспоставените математички изрази за пресметување на реалната површина утврдено е дека (под претпоставка на просечен наклон на просторот од 15 0) вистинската топографска површина на Република Македонија изнесува 32271 км кв., а волуменот на релјефно-геолошкото тело на Република Македонија е утврдено дека изнесува 23032 км кубни. За да не се рече дека податоците се паушални во продолжение е презентирана содржината на научниот труд, во кого е разработена методологија на апроксимативно одредување на реална површина и волумен на релјефот, односно пресметување на површина и волумен на неправилни топографски форми. Во случајот како пример е земена територијата на Република Македонија. Причината за тоа е тоа што во предходни проучувања авторот на овие редови има пресметани површини на хипсометриските појаси на секои 100 м (за цела територија) на 50 и 25 м (за одредени делови од територијата) за територијата на Република Македонија. Пресметаните податоци за големината на површините по хипсометриски појаси низ примена на коефициент на поправка е сведена на точност во рамки на размерот 1:2500 (еден спрема две илјади и петстотини) што значи графичка точност од 0,25 м. Проблемот е дискутиран меѓу нас (Маркоски-Милески) и со колегите од овие и сродни бранши, така што заеднички е констатирано дека би било добро да се сподели и со пошироката јавност.
Автор: проф. д-р Благоја Маркоски