Колку се чека за вработување во Република Македонија?
оригинално објавено на: 07 Dec 2011
Според расположливите податоци од АВРМ во 2010 година најголемо процентуално учество имаат невработените со време на чекање повеќе од 8 години кои учествуваат со 30 % од вкупниот број на невработени лица. Овде поголемо е учеството на машката невработена популација (60,7%), наспроти женските лица (39,3%), што според сознанијата од теренот се резултат на структурата во стопанството и присутниот сектор на дејности каде женската популација има поголеми можности за вработување (текстилна индустрија, прехранбена индустрија, услужен сектор) и сл.
Долготрајноста на невработеноста има регионални разлики. Кај сите региони над 80% чекаат вработување над 11 месеци што покажува на висок степен на долготрајна невработеност. Од нив 50% чекаат вработување до седум години, а од 25 до 30% учествуваат лицата со долг период на невработеност од 8 и повеќе години. Кај сите издвоени категории на невработеност со близу 20% учествува Скопскиот регион, а само Југоисточниот регион бележи толкаво учество кај невработените од 5 до 7 години.
Регионалните разлики во степенот и долготрајноста на невработеноста од една страна произлегува од можностите за вработување, економскиот потенцијал и раст на регионот, додека од друга страна големо влијание имаат демографските карактеристики, националната припадност (секогаш во корелација со културните и религиозните гледишта), каде се отежнува мобилноста на работната сила или пак влијание има третманот на женската популација и нејзината вклученост во општествената заедница.
Автор: д-р Билјана Апостоловска Тошевска