3 November 2024
LatestМакедонијаСвет

Кои се функциите на државната граница?

Државна граница претставува замислена линија што ги одвојува државите, како политички единици, една од друга. Во екот на силна глобализација, сè повеќе е присутен процесот на „бришење“ на таквите замислени линии. Но, од друга страна, како по правило, таму каде што не се бришат, дополнително зајакнуваат.

Секоја граница извршува неколку клучни функции:

Слика бр. 1: ГРАНИЧЕН ПРЕМИН
www.lens.monash.edu

Правна функција: Оваа функција на границата означува простор на суверенитет. Тоа е линија до која се простира суверенитетот на една држава, и од каде започнува суверенитетот на друга држава. Со тоа се означува просторната надлежност на државните институции – полиција, војска, судство итн.

Фискална функција – границата го ограничува просторот на националната економија, даночната политика, царинските контроли и сл. Царинската политика може да биде изолационистичка и протекционистичка.

Контролна функција – на границата се врши контрола на стока и патниците (на пример, селекција на имигранти, контрола на визи и работни дозволи, пасошка контрола и сл.), според утврдени критериуми. Контролната функција ја има и здравствената служба на граничниот премин, која има улога да спречи ширење на заразни болести. Границите ја имале оваа функција и низ историјата, кога за време на епидемии постоеле карантини. Ваквата функција на границите еклатантно беше видлива и почувствувана на светско ниво за време на големата ковид пандемија од 2020 година.

Воена функција – политичката граница е првенствено одбранбена линија на државата против напади од надвор. Границата истовремено е линија на концентрација на воените сили за евентуален освојувачки напад.

Идеолошка функција – во одредени услови границата има улога на бариера против циркулација на политичките идеи иако во ерата на глобализацијата и масовните комуникации, оваа функција слабее.

Слика 1. БЕРЛИНСКИОТ ЅИД – ВИДЛИВА ГРАНИЦА СО МНОШТВО ФУНКЦИИ
www.nationalgeographic.com

Литература:

Грчиќ, Мирко (2000): Политичка географија, Географски факултет Универзитета у Београду

Мијалов, Ристо (2010): Политичка географија, Скрипта за интерна употреба, ПМФ, Скопје

Opiola, Wojciech (2014): About the Role of the State Border in the Theory of Borderland, in: In book: Open Europe: Cultural Dialogue across Borders. Vol. 2: Historical Collective Memory within Borderlands Publisher: Wydawnictwo Uniwersytetu Opolskiego

Подготвил: доц. д-р Горан Китевски