Кои се најголемите полуострови на континентите? Петти дел – Антарктик
оригинално објавено на: 29.05.2020
Континентот Антарктик претставува големо студено копно кое се наоѓа јужно од континентите Јужна Америка, Африка и Австралија, околу јужниот пол. Овој континент е обиколен со водите на Веделово Море, Амундсеново Море, Белингхаузеново Море и Росово Море или со водите на Тихи, Атлантски и Индиски Океан, кои на некои географски карти и извори се именуваат под едно име како Јужен Океан (просторот околу Антарктик). Всушност терминот “Јужен Океан” во светската географска литература официјално не е класифициран и службено не е прифатен. Површината на континентот Антарктик изнесува околу 14 милиони км2 и претставува 5 најголем континент на Земјата, и воедно претставува најголемата пустина во светот (Сахара е најголемата жешка и песочна пустина во светот). Антарктик се карактеризира со тоа што речиси целиот континент е покриен со снег и мраз во текот на целата година. Во некои делови од континентот дебелината на мразот достигнува и до 2 километри. Антарктик е и најстудениот континент на Земјата, каде температурите во одредени делови се движат и до -80 °C. Најниската измерена температура е измерена кај Руската базна станица Восток и изнесувала рекордни –89,6 °C. Во крајбрежните делови од континенот има појава на силни ветрови, а во внатрешноста на континентот ветровите се многу послаби. Исто така врнежите во најголем дел ги има покрај бреговите на континентот, особено кај Антарктичкиот полуостров, додека пак кон внатрешноста на континентот врнежите се намалуваат, а околу јужниот пол речиси и да нема врнежи. Антарктик се одликува со прилично добра брегова разрганетост. Тука се наоѓаат неколку поголеми заливи, и неколку полуострови. Од полуостровите на овој континент најголем е Антарктичкиот полуостров. Овој полуостров е познат уште по неколку имиња. Во државата Чиле е познат како земјата О’Хигинс, во државата Аргентина како земјата на Сан Мартин, во САД е познат како полуостровот Палмер, додека пак во Велика Британија го нарекуваат под името Грејамова земја. Антарктичкиот полуостров се наоѓа во крајните северни делови на континентот Антарктик и е лесно препознатлив на географска карта. Обиколен е со водите на Венделовото море на исток, Амундсеновото море на запад и со водите на Тихи океан на север. Релјефот на полуостровот е претежно планински и тука се наоѓаат голем број на високи планини (некои се високи и преку 3000 метри од нивото на морето). Се смета дека овие планини се продолжение на Андите од Јужна Америка и дека ги спојува подводен гребен. Овие планини имаат доста стрмни падини по кои се спуштаат голем број на глечери во морињата. Највисок планински врв на Антакртичкиот полуостров е Монт Хоуп со висина од 3.239 метри. На островите што се наоѓаат во непосредна близина на полуостровот се наоѓаат неколку различни типови на вулкани. Од растителнит свет најзастапени се главно мов, лишаи и алги прилагодени на оваа сурова животна средина. Животинскиот свет е нешто побогат, а најкарактеристични се фоките и секако пингвините кои се главна асоцијација кога ќе се спомне континентот Антарктик. Климата на овој полуостров е најтопла од целиот континент Антарктик и е умерено повлажна. Просечните температури во летните периоди се движат од неколку степени над нулата, а во најтоплиот месец (Јануари) просечната температура изнесува 1 – 2 ° C. Најстуден месец е месец Јуни кога просечните температури се движат од -15 до -20 ° C. Најголеми количества на врнежи има во крајните северни делови и на западниот брег. На источниот брег количествата на врнежи се помали. Кон југ, врнежите полека се намалуваат и речиси и да ги нема. Во летните периоди голем дел од овие врнежи паѓаат во вид на дожд. Овде, како и на целиот континент не живеат постојани жители, туку привремено живеат само научници и луѓе кои се задолжени за одржување на базните станици. Поради потоплата клима која ја има на овој полуостров, на него се наоѓаат речиси и најголемиот број на базни станици од целиот континент. Денес на Антарктичкиот Полуостров има многу напуштени научни и воени бази. Аргентинската базна станица Есперанза претставува родно место на Емилио Маркос Палма, првиот човек кој е роден на континетот Антарктик на 7 Јануари 1978 година.
Литература:
Stewart, J. (2011). Antarctic: An Encyclopedia
Scott, Keith (1993). The Australian Geographic book of Antarctica
Thomson, Michael; Swithinbank, Charles (1 August 1985). “The prospects for Antarctic Minerals”
Moss, S. (1988). Natural History of The Antarctic Peninsula.
https://www.britannica.com/place/Antarctic-Peninsula
https://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%90%D0%BD%D1%82%D0%B0%D1%80%D0%BA%D1%82%D0%B8%D0%BA
Подготвил: Тоше Столески, наставник по географија