Кои се најголемите полуострови на континентите? Втор дел – Африка
оригинално објавено на: 26.05.2020
Вториот најголем континент во светот е континентот Африка. Зафаќа површина од околу 30 милиони km2 и заедно со островите тој покрива 6% од површината на Земјата или околу 20% од копнената површина на Земјата. Африка е единствениот континент низ кој поминуваат и екваторот и двата повратници. Овој континент е еден од најслабо разгранетите и на него се наоѓаат мал број на заливи, протоци, острови, а само три полуострови можат да се издвојат како позабележителни и покарактеристични. Два од нив се наоѓаат во северниот брег кој излегува на Средозменото море, а тоа се полуостровот Тунис, кој се наоѓа во истоимената држава Тунис и полуостровот Барка кој пак се наоѓа во државата Либија. Овие два полуострова се одделени еден од друг со заливот Сидра и Габескиот залив. На источниот брег се наоѓа Сомалискиот полуостров (Африкански рог). Најголемиот полуостров на Африканскиот континент е Сомалискиот полуостров, познат уште под името Африкански рог кој се наоѓа во Источна Африка и излегува на Црвеното Море и Индискиот океан. Неговата површина изнесува околу 1.900.000 km² и на неговата територија живеат околу 137 милиони жители во следнве држави: Етиопија, Сомалија, Еритреа и Џибути.
Африканскиот рог е покриен со планински масиви, и помал дел со ниски области кои се топли и суви. Најголемиот дел од овој полуостров зафаќаат Етиопските планини, кои се едни од највисоките планини во Африка по планините Килиманџаро, Кенија и Рувензори. Највисокоата точка на овој полуостров е врвот Рас Дашен кој е висок 4 623 м. Од Етиопските планински височини, благодарение на големите врнежи, се спуштаат поголем број реки. Такви се реките Џуба и Шебели кои извираат од високите предели на Етиопските планини и течат низ Сомалискиот полуостров. Овие реки се вливаат во Индискиот океан. Низ овој полуостров тече и реката Син Нил која извира од езерото Тана што се наоѓа во државата Етиопија и заедно со реката Бел Нил се спојуваат во близина на градот Картум, главниот град на државата Судан и ја формираат реката Нил која е најдолгата река во Африка и втора најдолга во светот по реката Амазон. Источниот крајбрежен дел се одликува со пониски и порамни делови. Климата на Сомалискиот полуостров се карактеризира со високи температури во текот на целата година. Максимална средна дневна температура е од 30 °C до 40 °C, освен на високите делови и долж источниот брег, каде дневна температура се движи од 15 °C до 30 °C. На овој полуостров се застапени различни видови на растенија и животни, меѓу кои се леопардите и антилопите кои спаѓаат во загрозен вид во рамките на овој полуостров. Рогот на Африка има повеќе ендемични влекачи од кој било друг регион во Африка и претставува домаќин на над 285 видови ендемични влекачи. Жителите на Африканскиот рог во голема мера се занимаваат со сточарството, а најмногу извезуваат кафе, банани и добитокот.
Литература:
https://www.worldatlas.com/articles/15-largest-peninsulas-in-the-world.html
https://www.worldometers.info/population/
Alexander M Ervin (2016). Cultural Transformations and Globalization:
Sandra Fullerton Joireman, Institutional Change in the Horn of Africa, (Universal-Publishers: 1997)
Encyclopædia Britannica, inc, Jacob E. Safra, The New Encyclopædia Britannica, (Encyclopædia Britannica: 2002), p.61: “The northern mountainous area, known as the Horn of Africa, comprises Djibouti, Somaliland, Ethiopia, Eritrea, and Somalia.”
Michael Hodd, East Africa Handbook, 7th Edition, (Passport Books: 2002)
Robert Stock, Africa South of the Sahara, Second Edition: A Geographical Interpretation, (The Guilford Press; 2004)
Подготвил: Тоше Столески, наставник по географија