3 November 2024
АрхиваСвет

Како се живее во најстуденото место на светот?

оригинално објавено на 26.01.2017

Мислите дека ние имаме екстремно студена зима? Што тогаш треба да кажат луѓето кои живеат во населеното место Ојмјакон во Русија, кои деновиве се смрзнуваат на речиси -50 степени?

Ојмјакон е село со околу 500 – 800 жители во Јакутската област во Русија. Се наоѓа на левиот брег на реката Индигирка. Од Јакутск е оддалечен околу 1000 km, од Владивосток околу 4 000 km, а од Москва речиси 9 000 km. Бидејќи Ојмјакон се наоѓа во близина на Северниот Пол, должината на денот варира од три часа во декември до 21 час во јуни. Овој предел е на околу 700 m надморска височина и се одликува со вегетација од тундри и тајги. Има специфича клима со годишна амплитуда поголема од 100⁰С, а средна годишна температура е -15,5⁰С. Ојмјакон важи за најстудено населено место на нашата планета. Најниската температура измерена во него изнесува -71⁰С. Во лето пак, температурите може да достигнат 25 до 30⁰С. Во зимскиот дел од годината, често има снег, а вкупниот број на денови под снежна покривка е 213, обично од октомври па до април. Просечната висина на снежниот покривач е 20-30 сантиметри, а на некои места може да достигне до 1 метар.

Името Ојмјакон значи “одмрзната вода“ и се должи на термалните извори кои се наоѓаат во близина на селото. Технологијата не функционира на толку ниски температури, овде нема мобилни телефони, а повеќето автомобили и камиони се бескорисни. Почвата е постојано замрзната, така што нема услови за одгледување на зеленчук и овошје. Единствената храна за луѓето на овој простор е риба, месо од елени, коњско месо и млеко од домашните животни. По националност, најголем број од населението се Јакути, а потоа следат Русите. Официјални јазици се рускиот и јакутскиот. Населението, главно, се занимава со сточарство, лов и риболов. Во околните места има наоѓалишта и рудници на злато, па истото се експлоатира. Инфраструктурата во Ојмјакон се сведува на училиште и градинка, потоа дом на културата и спортски центар. Во источниот дел се наоѓа пилана и локална млекара. Општинската зграда се наоѓа во центарот на местото. Интересно е тоа што децата не посетуваат настава кога температурата ќе падне дури под -52°С. Туризмот е единствената гранка која носи приход во ова место. Посетителите сакаат да се нурнат во ледената вода во изворите кои се наоѓаат токму овде. Секој посетител, во зависност од организираната тура добива т.н. сертификат за престој на “Студениот Пол”. Русите, и стари и млади, веруваат дека капењето во студена вода ќе ги заштити од болести во текот на годината. Само на Антартикот официјално се измерени пониски температури од тука, и тоа рекордни -89,2 степени Целзиусови.

И покрај постојаниот снег, Ојмјакон ги дава најубавите залези на Сонцето кои се овековечени на преубави фотографи и познати како најдобрите зимски пејзажи во светот.

Извори:

https://weather.com/travel/news/breathtaking-photos-coldest-city-world-20140128
http://sometimes-interesting.com/2011/07/17/the-coldest-inhabited-place-on-earth-oymyakon-russia/
http://all-that-is-interesting.com/worlds-coldest-city
http://www.dailymail.co.uk/news/article-3863596/And-thought-winters-bad-Welcome-tiny-Russian-town-Oymyakon-coldest-inhabited-place-earth-temperatures-drop-58-degrees-Fahrenheit.html

Подготвиле: Христијан Марковиќ, ученик во ООУ “Страшо Пинџур” с.Јосифово, Валандово и Славица Тенекиџиева, дипломиран географ