Искачување до Големото Езеро и врвот Ветерница (2420 м) на планинскиот масив Баба (Пелистер)
оригинално објавено на: 11 October 2012
Од 4-8.10.2012 во Националниот парк Пелистер се одржа Балканијадата под организација на ЕГЕА Скопје. Како една од активностите на оваа Балканијада беше експедицијата до прекрасното глацијално „Големо Езеро“ и до врвот Ветерница 2420 м. На оваа експедиција зедоа учество поголемиот дел од учесниците на Балканијадата кои беа од различни држави: Македонија, Србија, Хрватска и Словенија. Стартот за искачувањето беше предвиден во вториот ден од програмата (5.10.2012), а учесниците тргнаа во 8 часот наутро. На учесниците на Балканијадата друштво им правеа и професорите од Институтот за Географија:проф. д-р Благоја Маркоски и проф. д-р Ивица Милевски.
Учесниците на експедицијата најпрво се упатија до селото Ниже Поле, од каде започна искачувањето. При искачувањето студентите се запознаа со природните убавини на планинскиот масив Баба, како и со убавините на Националниот парк Пелистер. До познатото Големо Езеро кое е на 2220 м, беа потребни околу 3 часа искачување по доста стрмен терен и тоа од стартната точка на околу 950 м до 2220 м.н.в. Сепак пристигнувањето на оваа прекрасно езеро претставуваше мотив за секого.
Големо Езеро е второ по големина глацијално езеро во Република Македонија, со длабочина од 14 метри и со голема провидност поголема од 10 метри. Формирано е во цирк ограден со моренски бедем во времето на плеистоцената глацијација која траела од пред 70 000 до пред 12 000 години.
Учесниците на искачувањето, кај ова езеро направија кратка пауза, што беше одлична можност да се направат одлични фотографии. По паузата учесниците тргнаа до еден од врвовите на Баба Планина над езерото, а тоа беше врвот Ветерница 2420 м. Врвот беше набрзо совладеан, а од овој врв се ширеше прекрасен видик кон целото Преспанско Езеро. По краткиот престој на врвот Ветерница, групата се упати повторно назад кон селото Ниже Поле каде што со возило повторно се врати во детското одморалиште „Пелистер“ каде што се одржуваше Балканијадата.
Пред се оваа експедиција претставуваше одлична можност за дружење, авантура како и за запознавање со сите убавини кои ги има оваа планина. Огромна благодарност за сите кои беа дел од оваа експедиција како и до професорите кои со своите предавања успеаја да не запознаат со убавините на Република Македонија и Националниот парк Пелистер.
Напишал: Глигорије Џилвиџиев