16 March 2025
АрхиваСвет

Интересни факти за вулканот Етна

оригинално објавено на: 09.02.2022

Една од главните атракции на островот Сицилија е вулканот на планината Етна (највисокиот вулкан во Европа, на речиси 3329 m надморска височина), помеѓу градовите Месина и Катанија. Неговата геолошка историја започнува уште пред 350000 години, а прв пат за неговата ерупција се спомнува во книгата на грчкиот поет Диодорус Сицилус во 425 година п.н.е. Името Етна вулканот го добил од грчкиот збор „aitho“ што значи „јас горам“. Според римската митологија, се верува дека под него лежел џиновскиот Тајфон, поради што Земјата треперела кога тој ќе се свртел и дека тоа било седиште на Римскиот Бог на огнот Вулкан.

Слика 1.

Со површина од 1190 km², Етна е двојно поголем вулкан од вулканот Везув, кој исто така се наоѓа во Италија. Интересен факт е тоа што во последните 6 месеци вулканот достигнал височина плус 100 метри, заради натрупување на лавата и пепелта. Поради големата површина на вулканот, се проценува дека речиси четвртина од жителите на Сицилија живеат на падините на вулканот Етна. Се смета дека престојот е безбеден, но и почвата е доста плодна, а локацијата е популарна туристичка дестинација. Посетителите на областа уживаат во качувањето или скијањето на планината, поради тоа што на вулканот има снег во текот на целата година. Вулканот, исто така, поддржува важни копнени екосистеми, вклучувајќи ендемична флора и фауна, а неговата активност го прави природна лабораторија за проучување на геолошките, еколошките и биолошките процеси. Разновидниот и достапен опсег на вулкански карактеристики, како што се кратери, пирокластичен материјал и сл., ја направија локацијата една од главните дестинации во Европа за набљудување и истражување.

Слика 2.

Пред 2001 година, вулканот Етна еруптирал во просек еднаш на две години, но оттогаш зачестеноста се зголемила. Сепак, ерупциите што се случуваат во последните години се релативно безопасни. Последната голема ерупција се случила во 1992 година. Но, најсилната историска ерупција на Етна била забележана во 1669 година (11март – 15 јули), кога при експлозивните фази на ерупцијата биле исфрлени околу 0,066 km3 пирокластика и животот го загубиле  200000 илјади луѓе. Во тој период притисокот на лава уништи десетина села на долната падина и го потопи западниот дел на градот Катанија. Вулканот Етна има два вида на ерупции, и тоа: експлозивни ерупции од кратерите и експлозии на страничните кратери. Најчести од нив се од трите кратери на врвот на вулканот (североисточниот, централниот и југоисточниот), но кога еруптираат страничните кратери, голема е веројатноста дека ќе предизвика експлозија на кратерите на врвот.

Слика 3.

Она што може да го сумираме е дека Етна важи за најголемиот активен вулкан во Европа, а во исто време и вулкан на највисока надморска височина во Европа. За населението што живее во близина на многу вулкани, а во овој случај во близина на вулканот Етна, научниците внимателно го следат секој негов потег, што им овозможува подобро да разберат кога може да повторно да се активиа вулканот. Исто така, една од најважните ставки за населението што живеат близу вулкани, потребно е составување на комплет за итни случаи кој вклучува залихи како храна, вода, респиратор за заштита, заштита на очите и радио на батерија.

Користена литература:

www.igeografija.mk/Portal/?p=11255
www.universetoday.com/32185/10-interesting-facts-about-volcanoes/
www.essentialitaly.co.uk/blog/7-interesting-facts-mount-etna
mk.kuzminykh.org/1593-etna-volcano.html

Изработила: Јована Белушаноска, студент на Институтот за географија, ПМФ