4 November 2024
АктивностиАрхива

Интересна дводневна теренска настава низ Бугарија

оригинално објавено на: 23.5.2015

Слика 1.

На 19 и 20 мај оваа година, со студентите од насоката ГИС на Институтот за географија, беше изведена интересна дводневна теренска настава низ Република Бугарија. За релативно краток временски период, беа посетени повеќе места и разгледани интересни пејсажи и предели низ западниот дел на оваа соседна држава. Првиот ден започна со патување од Скопје, преку Штип и Делчево до Благоевград. По кратка пауза се продолжи до уникатниот Рилски Манастир на западните падини на планината Рила, а потоа до познатиот зимско-спортски центар Боровец, каде беше и ноќевањето. Следниот ден патувањето продолжи до Софија, а главна цел беше посета на ГИС-центарот при Геолого-географскиот факултет на софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“. Овде студентите имаа презентација од раководителот на Центарот, како и кратка презентација од г-дин Александар Тодоров, регионален претставник на компанијата HERE MAPS, која е дел од групацијата NOKIA. Во попладневните часови, по престојот на Софискиот Универзитет, групата се упати по клисурата на најдолгата река во Бугарија – Искар и до карстните терени на планината Балкан во околината на градот Враца. Овде беше посетена кратката, но навистина интересна пештера Леденика, извонредно богата со пештерски украси. Теренската настава заврши во доцните вечерни часови со патување од градот Враца, преку Ботевград, Софија, Ќустендил до Скопје.

Слика 2.

За двата дена на теренската, беа поминати близу 1000 км, а посетени и разгледани околу 20 карактеристични локалитети и места, како: Благоевград, Рилски Манастир, планината Рила, Боровец, езерото Искар, градот Софија, Софискиот Универзитет и факултетот за географија, ГИС-центарот, клисурата на Искар, градот Враца, карстниот релјеф над градот, пештерата Леденика и др. На овој начин, студентите имаа можност да воочат, разликуваат и да добијат слика за различни пејсажи и појави кои се претставуваат на картите и во разновидните ГИС проекти. Всушност, за време на целото патување, од страна на наставниот кадар на студентите им беше обрнувано внимание и им беа презентирани информации за пејсажите-објектите што ги поминуваат и за нивното значење во географските информациски системи.

Слика 3.

Теренската настава, под раководство на д-р Ивица Милевски и со помош на проф. д-р Благоја Маркоски, како и м-р Владимир Златановски и м-р Анита Тодорова, беше целосно успешно реализирана, за што свој придонес секако имаа и студентите. Покрај официјалниот дел, имавме одличен престој и сместување во убавиот комплекс Флора, хотел од висока категорија (во Боровец) и тоа по навистина пристапна (студентска) цена.

Слика 4.

Особено задоволство беше ретката можност да се видат уникатните планински пејсажи, шуми, реки, езера, пештерата Леденика, а сето тоа споено со практичното користење на ГПС уредите и геоинформациските технологии. Мошне пријатна и срдечна беше средбата со нашите колеги-професори од Софискиот Универзитет, како и нивните презентации изведени за нашите студенти. Поради сето споменато, се надеваме дека оваа теренска настава ќе остане незаборавна, но и дека набрзо ќе се повтори.

Автор: д-р Ивица Милевски