Институтот за географија започна соработка со компанијата NOKIA -HERE
оригинално објавено на: 12.04.2014
На 2.04.2014 година, во компјутерскиот кабинет на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје беше одржана првата практична работилница од страна на регионалното претставништво на компанијата „HERE“ за ЈИ Европа, која е во состав на светскиот гигант „NOKIA„. Работилницата беше одржана под раководство на д-р Свемир Горин (ПМФ) и тимот на „HERE“ под раководство на г-дин Александар Тодоров. На работилницата студентите беа обучувани за користење на софтверскиот пакет „Map Creator„ со кој се креираат карти за ГПС навигација. На првата работилница учествуваа студенти од додипломските студии на насоката Географски информациски системи. Со тоа воедно започна практично да се реализира претходно потпишаниот договор за соработка помеѓу Институтот за географија при ПМФ и компанијата „HERE – NOKIA”. Соработката предвидува неколку практични работилници, посета на просториите на филијалата на „HERE“ во Софија (Бугарија) и сертификати за 1практична обука доделени од „HERE“. Наведеното има големо практично значење како за студентите, така и за Институтот за географија и неговото етаблирање како водечка национална институција во делот на ГИС и ГПС апликации.

Инаку, компанијата „HERE“ претставува глобален лидер во креирањето карти за ГПС навигација и картографски-навигациски решенија. На светскиот пазар се присутни скоро три децении. Седиштето на компанијата е во Финска, под чие раководство се бројни филијали распоредени низ целиот Свет. Корисници на „HERE“ картите за навигација се компаниите како: BMW, Garmin, Toyota, Yahoo и многу други.
Автор: д-р Свемир Горин