28 March 2025
АктивностиАрхиваМакедонија

ИЗСГ Природник за прв пат на пл. Плачковица

оригинално објавено на: 13 December 2012

Од 7 декември до 9 декември ИЗСГ Природник (Егеа Скопје), организираше теренска настава односно мотивационен викенд на планината Плачковица.  Овој пат целта ни беше да пробаме и искусиме нешто ново.  Изборот беше  на планинарскиот дом Вртешка, во истоименото село,  кое од неодамна е иселено.  Инаку селото Вртешка се наоѓа на штипскиот дел од пл. Плачковица, а истото од градот Штип е одалечено 33 км. Домот се наоѓа на надморска височина од 1.080 м и има доста пријатни услови и локација.

Слика 1.

На оваа јубилејна, 40 – та по ред теренска активност, присуствуваа 16 студенти од повеќе академски години, сите членови на географското друштво Природник. Новата снежна авантура  започна од автобуската станица во Скопје, од каде со автобус се упативме кон  Штип. По скоро два часа пристигнавме во градот ,  а од таму патувањето го продолживме со такси.  Најпрво се упативме кон селото Карбинци, потоа ги поминавме селата Козјак и Каланзлија и по 40 минутно возење стигнавме во непосредна близина на селото Вртешка, а од овде пешачејќи продолживме до пл. дом Вртешка. Патем, Сонцето се повеќе се спушташе зад хоризонтот и пред самиот дом не стемни. Вечерта беше одлична прилика за запознавање и дружење со новите членови. Утре дента најпрво станавме кај 9 часот, а по доручекот, предводени од нашите љубезни домаќини (членови на планинарското друштво ,,Лисец“), излеговме на една зимска прошетка и запознавање на планината Плачковица. Поминувајќи ја месната локација ,,Чуката“ и Туртелска Река стигнавме до нашата прва дестинација,  врвот Туртел (1.315 м). Од овде продолживме кон врвот Чател (1.337 м), патем дознавме дека во оваа околина се наоѓаат неколку пештери, за кои до неодамна не се знаело. По кратка пауза на врвот Чател, продолживме кон врвот Црквиште (1.689 м).  Движејќи се по сртот  Црквиште, не затекна силен ветер и густа магла, па од таму го сменивме правецот и се упативме по друга патека кон домот Вртешка. По скоро 5 часовно пешачење  и поминати околу 16 км, стигнавме назад во домот, каде не чекаше пријатен ручек изготвен од останатиот дел од екипата.  Вечерта ја зачинивме  со уште една незаборавна гео забава. Утрото следеше рекреативно разгледување и  запознавање на околина на домот Вртешка, а околу пладне се упативме кон  градот Штип. По неколку часовната прошетка низ градот, си заминавме презадоволни со желба повторно да се вратиме.

Слика 2.
Слика 3.
Слика 4.
Слика 6.
Слика 6.

Напишал: Дарко Стојчески