27 March 2025
АктивностиАрхива

Излезе новиот број 49 на списанието Географски разгледи (Geographical Reviews)

оригинално објавено на 30.03.2017

Денес, на веб страницата на Институтот за географија и на Македонското географско друштво е поставена електронската верзија на новиот број (49 / 2016) на списанието Географски разгледи (Geographical Reviews). Ова реномирано списание кое го издава Македонското географско друштво, излегува непрекинато уште од 1962 година, поради што спаѓа меѓу научно-стручните списанија со најдолга традиција во Република Македонија. До сега вкупно се објавени 41 книга со околу 460 научни и стручни трудови, библиографски осврти, географски вести и други информации. Од 2010 година, содржините на списанието Географски разгледи се поставуваат и електронски (www.igeografija.mk/MGD), со што стануваат достапни на поширок круг заинтересирани вљубеници во географијата. Во последниот број, најголем број трудови се на англиски јазик (со резиме на македонски јазик) и се рецензирани од соодветни странски истражувачи. Вкупно се објавени 8 труда од 13 автори, кои покриваат широк спектар на географски проблеми: од геонаследството – пилоу лави кај Гевгелија, преку демографски процеси и движења, до туризмот, воено-географска проблематика, географски екскурзии, како и објаснување на значење на некои географски топоними. Во завршна подготовка е печатената верзија на списанието кое ќе ги содржи двата броја (48 и 49), а се очекува во почетокот на месец април. Со самото објавување на последниот број (49), започнуваат подготовките за следниот јубилеен 50-ти број на списанието, кој треба да излезе до крајот на 2017 година и кој ќе содржи одредени новитети.

Затоа ве повикуваме доколку сте заинтересирани да го подготвите или испратите вашиот труд до уредувачкиот одбор најдоцна до крајот на мај, 2017 година. Сите трудови кои третираат географска и сродна проблематика се добредојдени, со тоа што рецензентскиот тим ќе изврши преглед и селекција на трудовите за новото специјално издание.

Од уредникот, д-р Ивица Милевски