ЗИМСКА КРАТКОДНЕВИЦА – ПОЧЕТОК НА ЗИМАТА
Додека празничните светла ги осветлуваат улиците и ги навестуваат предновогодишните и божиќните празници, во сабота на 21 декември 2024 година ќе биде Зимскиот солстициум (краткодневица). Зимскиот солстициум е астрономски настан кој се случува секоја година и го означува почетокот на зимата на северната хемисфера. Оваа година, зимскиот солстициум ќе се случи на 21 декември во 10:20 часот по македонско локално време. Краткодневицата го означува и преодот на годишните времиња од есен кон зима на северната Земјина полутопка, односно од пролет кон лето на јужната полутопка. Овој ден уште се нарекува Солстициум, кој доаѓа од латинскиот збор solstitium, што значи „мирување на сонцето“. За повеќе од 6 милијарди луѓе кои живеат на северната хемисфера, овој астрономски настан го сигнализира не само најкраткиот ден, туку и најдолгата ноќ во годината. Ова е денот со најкратко траење на дневната светлина и најдолгата ноќ во годината каде ќе имаме 9 часа и 7 минути ден, за територијата на нашата држава. Потоа на северната хемисфера, деновите почнуваат да стануваат подолги, а ноќите пократки, додека на јужната хемисфера деновите почнуваат да се скратуваат, а ноќите се подолги.
Поради оската на ротацијата на Земјата која изнесува 23,4 степени, северниот пол и северната хемисфера се најодалечени од Сонцето, што резултира со пократкотрајно осветлување и најдолга ноќ, додека пак јужната хемисфера е повеќе изложена на сончевото зрачење што резултира со најдолгиот ден во годината и почетокот на летото. Поради тоа, годишните времиња на северната и јужната хемисфера се спротивни. Зимскиот солстициум има длабоко културно и историско значење за многу цивилизации низ историјата проследен со бројни прослави и церемонии, каде во многу култури Зимскиот солстициум се смета за време на обновување и нов почеток.
Интерсен факт:
Во деновите пред за време и после 21-ви декември на северната хемисфера, Сонцето е на најниската положба на небото, што значи дека под многу мал агол сончевите зраци доаѓаат на земјината површина, предизвикувајќи долги сенки од неговата светлина. Сенката што настанува на зимската краткодневица е најдолгата што можете да ја имате низ цела година.
Користена литература:
https://www.britannica.com/science/winter-solstice
https://www.timeanddate.com/calendar/seasons.html?n=673
https://www.weather.gov/media/ind/seasons.pdf
Подготвил:
Асс. м-р Арсе Кузманоски