За хавајските вулкани
оригинално објавено на: 04 Mar 2012
Најактивните вулкани на Земјата, најистражуваните вулкани од вулканолозите и најпосетуваните вулкани од страна на туристите. Тоа се Хавајските вулкани! Активните вулкани се наоѓаат на Хавајските Острови, во северниот дел на Тихиот Океан, поточно на островот Хаваи, кој е најголем остров на Хавајскиот архипелаг (составен од 137 острови и атоли).

Постанок на островите
Хавајските Острови настанале како последица од движењето на Пацифичката тектонска плоча. Имено, сите добро знаеме дека под Литосферата (Земјината кора) се наоѓа обвивката на Земјиното јадро, која во нејзиниот горен дел е изградена од растопени, вжештени карпи, односно од магма (види слика долу).

Кај овие вулкани, магмата, поради високата температура и притисок, е во постојано движење и врши постојан притисок само врз една точка на Земјината кора. Земјината кора е напукната и поделена на повеќе т.н. тектонски плочи. Овие плочи, поради притисокот од магмата се во постојано движење (5-10 см/год.). Пацифичката плоча се движи во северо– западен правец, така што, поради постојаниот притисок на магмата во една точка, Хавајските Острови настанувале еден по друг во последните 80 милиони години.
Најмладиот остров всушност е и најголемиот, Хаваи островот (на кого се наоѓаат активните вулкани), а нов остров т.е. вулкан веќе се создава во длабочините на Тихиот Океан. Тоа е вулканот Лоихи, кој се наоѓа на 30 km југоисточно од брегот на островот Хаваи и моментално вулканската купа има височина од 3000 м. Знаејќи дека во тој дел на Тихиот Океан длабочините се околу 5000 м, Лоихи ќе треба да израсне уште 2000 м, за да се појави на површината.
Вулканите на островот Хаваи

На островот Хаваи се наоѓаат пет вулкани, од кои вулканите Кохала и Мауна Кеа се изгаснати, а Хуалаи, Мауна Лоа и Килауеа се активни вулкани (види слика). Кохала е најстариот вулкан на островот. Тој престанал со работа пред околу 120.000 год. Хуалаи е вулкан со мала активност. Последната регистрирана активност ја имал во 1801 год. Сепак се смета дека овој вулкан е потенцијално опасен и се претпоставува дека би можел да еруптира во следниве 100 години. Мауна Кеа е угаснат вулкан и претставува највисоката планина на Земјата. Неговата височина изнесува 4.205 m, но ако ја мериме целата вулканска купа, од дното на океанот, тогаш ќе добиеме висина од околу 10.000 m. На Хавајски јазик Мауна Кеа значи „Белата Планина“ (поради врнежите со снег кои се јавуваат за време на кратката зима). Поради географската положба на островот Хаваи и големата височина на овој вулкан, се смета дека овде се наоѓа најчистиот воздух на Земјата, поради што е изградена една од најголемите астрономски обсерватории на Земјата. Мауна Лоа е највисокиот активен вулкан на Земјата, понизок за само 37 м од Мауна Кеа. Името на вулканот значи „долгата планина“, што навистина го отсликува тоа, бидејќи зафаќа најголема површина од островот Хаваи. Мауна Лоа е активна веќе 700.000 години, а се претпоставува дека ќе биде активна уште толку. Најголемата регистрирана ерупција на овој вулкан се случила во периодот март-април во 1984 година кога било исфрлено огромно количевство на лава и огромен број на вулканолози и туристи уживале во глетката (види слика).

После оваа силна ерупција, Мауна Лоа е во мирување во последниве 25 год. Во годините што следат се очекува повторно активирање на овој вулкан. Килауеа (името значи „прскање“) е најактивниот вулкан во светот, на што укажува самиот збор. Во споредба со Мауна Лоа, Килауеа е доста понизок (само 1.247 м) што укажува на тоа дека овој вулкан има настанато во блиското минато (според истражувањата пред 350 до 500 илјади години). За последниве 100 години регистрирани се 45 ерупции, од кои најголема била таа од 1983 година. Ерупцијата била толку силна што лавата, која истекувала од кратерот, формирала реки долги 12 km. Со вулканот Килауеа е поврзана и легендата за Пеле – богот на вулканите. Според верувањата на Хавајците богот Пеле и богот Камапуа (бог на дождот) се во постојана битка за превласт, а во овој вулкан таа битка ја добива богот Пеле.
Карактеристики на ерупциите
Карактеристика на вулканите од Хавајските Острови е тоа што имаат тивки ерупции со исфрлање на големо количество на лава, но, без исфрлање на карпи и густ вжештен чад . Причини за тоа е малото количество на растворена вода во лавата (помалку од 1%) и базалтноста на лавата. При силни ерупции на вулканите е регистрирано исфрлање на лавата на височини од дури 1.000 м!
Карактеристики на лавата
Лавата која излегува од овие вулкани има доста висока температура (1200 степени целзиусови) и се движи со голема брзина по земјиштето, како река. Причина за ваквите карактеристики е малото количество на силициум во лавата т.н. базалтна лава (повеќе силициум, повеќе лепливост на лавата). При своето движење, оваа река од лава може да помине големи растојанија. Доколку се движи на површината 12 – 13 км, а ако се движи во подземјето (под стврдната лава), достигнува растојанија од 50 км.

Многу значајна карактеристика за Хавајските вулкани е формирањето на лавични езера во самите кратери. Во одредени моменти кратерите целосно се исполнуваат со лава и ги формираат езерата, но, траат само неколку денови. Исто така треба да се напомене дека поради овие карактеристики на лавата, на повеќе пати, таа предизвикала огромни штети во неколкуте села и гратчиња кои се наоѓаат во близината на активните вулкани. Таков е примерот со градчето Калапана, кое беше целосно уништено при една од ерупциите на вулканот Килауеа во 1990 год.
Кратер-калдера
Кратерот на многу активните вулкани Мауна Лоа и Килауеа е во вид на калдера. Зборот калдера доаѓа од шпанскиот јазик и значи „котел“. Калдерата е простран кратер на вулканот со големи димензии и настанал со пропаѓање на страните на кратерот, при празнење на резервоарот со магма под самиот вулкан, најчесто како резултат на силна вулканска ерупција.
Вулканска купа
Вулканската купа на Хавајските вулкани припаѓа на групата на вулкански купи во облик на штит или оклоп, со доста стрмни страни.

Овој облик се создал поради постојаната активност и исфрлање на огромно количество на лава, која се наталожува и зацврстнува на купата, слој врз слој. На тој начин во текот на илјадниците години активност, вулканите нараснале во огромни димензии. Поради тоа што Хавајските вулкани се едни од највеличенствените вулкани во светот, уште во 1916 година е воспоставен Националниот Парк „Хавајски вулкани“. Поради многубројните природни вредности Националниот парк е ставен под заштита на УНЕСКО. Овој парк се протега на површина од 1348 км квадратни и ги опфаќа двата најативни вулкани Килауеа и Мауна Лоа. Бидејќи вулканите на островот немаат силни ерупции со исфрлање на вжештен чад, пепел и карпи, голем број на туристи и вулканолози од целиот свет го посетуваат овој национален парк. Според последните податоци, во 2006 година националниот парк го посетиле 1.600.000 туристи.
Подготвил: Мите Ристов, дипл. географ