За потеклото на поимот „Балкан“
Под поимот „Балкан“ се подразбира географскиот простор заокружен како Балкански Полуостров, но и многу пошироко; се подразбира социјална, културна, економска и политичка концепција која има идентитетска поврзаност со самиот полуостров. Барбара Јелавич смета дека името „Балкан“ потекнува од турскиот збор за пошумена верига планини, што во суштина го опишува геоморфолошкиот идентитет на просторот. Авторот Марија Тодорова, во нејзиното дело „Замислувајќи го Балканот“, нашироко објаснува за потеклото на името Балкан, односно на Балкански Полуостров. Така, се зборува дека голем број на патеписни извештаи, опишувајќи ја Стара Планина во Бугарија, ја запишуваат по турскиот назив Балкан. Во стариот и средниот век, оваа планина, главно била позната под трачанскиот назив Хемус, или на грчки Аимос, или латински Хаемус. Главната погрешна перцепција за просторот, доаѓа од географот Зајц, кој сметал дека токму оваа планина го дели просторот на два дела, протегајќи се од Јадранското море до Црното море, па поради тоа, го именува просторот како „Балкански Полуостров“. Но, прв што ќе го искова и ќе го употреби терминот „Балкански Полуостров“ е германскиот географ Аугуст Цојне (August Zeune) во своето дело „Геа― (Goea) oд 1808 година. Според тоа, како етимолошка забелешка, може да се заклучи дека Балканот, или Балканскиот Полуостров носи име како заслуга на погрешна географска процена дека планината која во Отоманско време се нарекувала Балкан, е генерално земено, главен географски елемент на просторот, т.е. на полуостровот. Така, безразлика на вистинското значење на зборот, или потеклото на зборот, Балканот го носи името по Стара Планина. Во 1893, и повторно во 1909, со намера да се поправи „грешката“ на Цојне, германскиот географ Теобалд Фишер (Theobald Fischer) предложил полуостровот да се именува Südosteuropa (Југоисточна Европа), но ваквиот термин, освен во геополитички контекст, никогаш не заживеал над терминот „Балкан“ кој има поширока конотација, или „Балкански полуостров“, кој е проблематично врзан со географските граници на просторот.
Референци:
Jelavich, Barbara (1983). History of the Balkans: Eighteenth and Nineteenth Centuries. Vol. 1. Cambridge University Press
Todorova, Maria (1997): Imagining the Balkans, New York: Oxford University Press
Robert Bideleux; Ian Jeffries (2007): The Balkans: A Post-Communist History. Routledge
Автор: доц. д-р Горан Китевски