За Куманите и Кумановците…
оригинално објавено на: 14 May 2012
Дали сте се запрашале некогаш зошто Кумановците се такви какви што се? Зошто се разликуваат од останатите во нашето опкружување? Зошто зборуваат поинаку и размислуваат поинаку? Знаете ли нешто повеќе за Кумани? Дали сте знаеле дека тоа митско племе успеало низ вековите да се одржи, иако оваа земја ја газеле словените, крстоносците, отоманите и многу други окупатори. Кога зборуваме за нашите корени на кои сме толку поносни, многу малку обрнуваме внимание на народот по кој што нашиот град, а заедно и ние со него сме го добиле своето име. Информациите за Кумани се многу ретки и не секогаш поткрепени со факти, но она што со сигурност се знае е дека Кумани биле номадски народ од турско потекло, чија империја се протегала од Бајкалското Езеро до реката Дунав. Самиот збор Куман значи син или светол како што тврдат одредени автори, а во Украина, Куманите биле познати и под името Полавци, односно Плавци. Сродни народи на Куманите низ евроазиските степи биле Печенези, Башкири, Огузи и Кимаци, но Кумани се двоеле од останатите племиња по својата висина и по својот светол тен. Неколку века Куманите живеат по текот на реката Волга, во областа позната како Куманија. Оваа област била толку позната што многу унгарски владетели (Арпади) и француски кралеви (Анжуи) ја носеле титулата Rex Cumaniae, а романските епископи и ден денеска тврдат дека таа титула им припаѓа на нив. Куманите имале свој јазик, кумански, за кој сведочи Codex Cumanicus, прирачник за католички мисионери кои биле испраќани да ги христијанизираат. Сочуван примерок од овој документ сеуште се наоѓа во библиотекета на Св. Марко во Венеција. Три главни карактеристики на Куманите како народ биле воинственоста, наклонетост кон „политиканството“ и отсуство на државност. Секогаш биле спремни за битка, затоа што главен инструмент на нивната политика била многубројната војска. Нападнати од диви монголски племиња, Кумани во 1237 година наоѓаат засолниште во Унгарија, со што бргу се привикнуваат на балканскиот начин на живот. Познати како воинствени и неплашливи, веднаш се вовлекуваат во лавиринтите на балканските политички сплетки, кои се постојале уште пред 10 века. Често војувале на страна на Унгарците, Бугарите, Власите против Византиското Царство, со што пополека стануваат асимилирани од локалното население и мешани со нив. Претходно пагани, подоцна Куманите стануваат христијанизирани, а само еден мал дел од нив преминуваат во Мала Азија и го прифаќаат исламот. Цели групи на Кумани се откажувале од номадскиот начин на живот и започнале со формирање на првите населби на Балканскиот Полуостров. Така започнале да настануваат првите енклави со кумановско население. Куманово не е единствениот таков град кој што го формирале Куманите. Постојат Кумане во Србија, Команешти и Комана во Романија, Куманите во Бугарија, Куман во Албанија како и Куманичево во денешна Грција. Ова е една одлична идеја за нашите градски татковци со кои се места да станеме збратимени.
Текстот е преземен од: http://www.facebook.com/kumanovskirecnik
Подготвил: : Бојан Давидовски, дипл. географ