ЗАКЛУЧОЦИ ОД ШЕСТИОТ КОНГРЕС НА МАКЕДОНСКИТЕ ГЕОГРАФИ СО МЕЃУНАРОДНО УЧЕСТВО
Шестиот конгрес на македонските географи со меѓународно учество се одржа во деновите од 28-30. 5. 2024 г. во Охрид. На конгресот беа донесени следните заклучоци:
1. Зајакнување на регионалната соработка на полето на географијата, во функција на понапредна образовна и научна комуникација и размена на стручни информации
поврзани со географската наука и политиките на географското образование.
2. Учесниците на Конгресот инсистираат на немешање на политиката во географската наука и образование, со цел попрофесионална реализација на географското образование во образовниот систем на државата, како фундамент од национално и интернационално културолошко значење.
3. Почитување на стандардните методологии на научно истражувачката работа во географијата, како и примена на современите методи и техники во функција на осовременување на географските истражувања и проучувања.
4. Учесниците на Конгресот потенцираа потреба од перманентно одржување и зајакнување на кадровскиот потенцијал во основното, средното и високото образование.
5. Да се инсистира на поголемо стручно ангажирање на наставниот кадар во образовниот систем поврзан со географското образование и наука.
6. Надлежните институции да преземат мерки за заштита на наставниот кадар во дејноста на образованието, така што во функција на поквалитетно образование покрај дефинирањето на правата на учениците/родителите да се дефинираат и правата на наставниците.
7. Учесниците на Конгресот констатираа, дека е неминовно воспоставување на финансиска поддршка во географската наука и образование во функција на зајакнување на националните потреби во полето на географијата.
8. Типично географските проблеми мора да бидат предмет на проучување на географите со цел пристапот да биде високопрофесионален, а не парцијален како што си дозволуваат поединци од други струки да обработуваат географски теми. Географите во тој домен мора да имаат строг критички осврт.
9. Предмет на географијата е географскиот простор, токму затоа географијата во образовниот систем мора да го добие предзнакот национална дисциплина.
10. Учесниците на Конгресот констатираа дека има потреба од организација на наменски собир во функција на организацијата на географското образование во основните и средните училишта и развојот на методика на наставата по географија.
Организационен одбор на Шестиот конгрес на македонските географи со меѓународно учество