Езеро Комо-Огледало на луксузот
оригинално објавено на: 19.12.2020
Леднички езера или со други имиња наречени глечерски или глацијални, претставуваат природни езера кои настанале со топење на мразот. Најчесто се наоѓаат на високите планини и повеќето од нив се со мала површина. Едно од нив е езерото Комо, кое има ледничко потекло во Ломбардија, Италија. Овој природен бисер има доста студена и бистра вода, со исклучителна убавина. Имено, ова интересно езеро претставува „магнет“ за многу туристи и посетители. Вистинското италијанско име на езерото е Lario, но ова име многу ретко се употребува. Обично, езерото се нарекува Lago di Como’ што во превод значи „Езеро Комо“. Зафаќа површина од 146 km2 и со тоа е трето по големина во Италија, по езерата Гарда и Маџоре. Со своите 410 m, ова езеро е едно од најдлабоките езера во Европа. Она што е интересно за ова езеро е тоа што има многу специфичен облик, како превртена буква „Y“. Истото можете да го забележите на следната карта.

Северниот ракавец почнува од градот Колико, додека градовите Комо и Леко се наоѓаат на краевите на југозападниот, односно југоисточниот ракавец. Во поголем дел, езерото го полни реката Ада, која се влива близу градот Колико, а истекува кај градот Леко. Ова значи дека југозападниот ракавец е всушност слеп завршеток, бидејќи Комо, за разлика од Леко, често е поплавен. Со својата средишна позиција во Ломбардија, ова прекрасно езеро е популарно летувалиште уште од дамнешното римско време, а денес е познато како најатрактивна дестинација за одмор на славните личности. Колку езерото Комо е атрактивно и популарно, сведочат и бројните луксузни вили и домови на познатите личности. Џорџ Клуни, Мадона и Донатела Версаче се само дел од светските ѕвезди кои поседуваат имот, односно луксузни вили на ова популарно езеро. Шармантниот град Комо е лоциран на јужната страна на истоименото езеро, кој пак се наоѓа на само 40-на km од Милано.

Атмосферата е пријатна и романтична, карактеристична за културно-интелектуалниот живот на Италијаните. Една од причините е неверојатната природа и фасцинантните пејсажи до недоглед. Обиколката на езерото со дрвено бротче е најдобриот начин да ги видите речиси сите вили, како и историските градови кои се собрани околу брегот на Комо. Не е изненадувачки факт, ако кажеме дека Комо е најатрактивен во лето, кога има и најголем број туристи. Ако пак сте љубител на помирен одмор, без гужви, тогаш идеален период да го посетите е есента, кога природата е обоена во сите земјени тонови. Тогаш, едноставно пејзажот блеска со некоја посебна магија и убавина. Доколку ве фасцинираат токму пејсажите, не смеете да пропуштите да се искачите на жичарата Como-Brunate и да го искусите најубавиот поглед на градот и езерото.

Од друга страна, доколку сте расположени за шетање, може да одите на прошетка во правец на светилникот и на секој чекор да ја набљудувате вонземската природа околу вас. Честопати, туристите овде со брод ја посетуваат и познатата вила „Villi del Balbaniello“ која е една од локациите каде е снимен филмот „Casino Royale“. Оние кои барем еднаш биле тука, велат дека се чувствуваат рајски, бидејќи погледот од секој агол е воодушевувачки. Исто така, импресивните градини се она што ги импресионира посетителите.

Во таа смисла, една од поимпресивните и атрактивни вили е вилата Villa d’Este, која се наоѓа во Церенбио и е изградена во 1568-та година. Порано била хотел, се додека во 1873-та година не била пренаменета во место за одмор и уживање со добар поглед. Денес го има задржано оригиналниот, класичен изглед, со голема тераса, базен и раскошна градина.

Villa Carlotta во местото Тремезо е изградена при крајот на 17-от век и сега е претворена во музеј, каде може да погледнете многубројни скулптури. Импозантниот поглед од Villa Melzi е исто така уште една работа која не смеете да ја пропуштите. Воедно, доколку сте љубители на добро познатиот традиционален рецепт за кафе, ви го препорачуваме за посета, малото островче Comacina.


Останати атракции со кои што располага оваа област, а воедно и привлекува се повеќе туристи се велосипедизам, планински велосипедизам, пешачење, пловење, параглајдерство и сурфање на ветер. Имено, сите овие активности, односно атракции се популарни околу езерото Комо, за време на топлото време. Во зима, можете да скијате на околните планини. Исто така, постојат некои интересни патувања околу езерото со комерцијални чамци, главно за време на викендите, во летната сезона.
Користена литература:
lakecomotravel.com/lake-como-italy/
greatruns.com/location/lake-como-italy/
inmagazine.ca/2018/12/spectacular-lake-como-italy/
planetware.com/tourist-attractions-/como-i-lo-co.htm
thecrazytourist.com/15-best-things-como-italy/
Автор: Марија Василева, студент на наставна географија