28 March 2025
АрхиваСвет

Езерото Блаус (Blausee)-синиот бисер на Швајцарија

оригинално објавено на: 31.03.2021

Швајцарија е земја која има приближно 1500 езера, па според тоа, многу тешко може да се одбере кое е најубаво, бидејќи сите имаат свој шарм. Како едно од невообичаените, а воедно и познато туристичко место е езерото Блаус. Блаус или во превод “Сино езеро” е мало езеро, во Швајцарија, во долината на реката Кандер над Кандергрунд на 887 метри. Административно, му припаѓа на Бернски Оберленд. Имено, езерото има површина од 0,64 хектари, и е многу лесно сообраќајно пристапно.

Слика 1.

Ова езеро е популарна туристичка дестинација благодарение на неговата многу посебна боја и кристално чиста вода, која потекнува од подземните извори. Според тоа, Блаус е едно од најпознатите планински езера во Швајцарија. Езерото и околните шумски предели ги воодушевуваат локалните жители, како и туристите. Во 1885 година ова езеро беше запишан во патопис како “скапоцен камен на пејзажот потопен во волшебната шумска осаменост”. За оние кои претпочитаат факти, езерото е создадено од свлечиште пред повеќе од околу 15000 години. Езерото Блаус се храни со подземни извори кои ја одржуваат водата на постојана студена температура, идеална за многубројните пастрмки што живеат во него.

Слика 2.

Денес регионот е многу достапен, благодарение на пешачките патеки, излетничките места итн. Има хотел со спа центар покрај брегот на езерото, а покрај него има фарма со органска пастрмка. Областа е посетувана од голем број туристи и во летната и во зимската сезона бидејќи и во двете сезони езерото е привлечно. Во текот на летото, покрај езерото се одржуваат филмови на отворено и концерти, а воедно и разни веселби и свадби кои биле најчести во периодот јули-септември. Вообичаено, во месец октомври, езерото е достапно за риболов (иако е затворено откако започна пандемијата во 2019 година).

Слика 3.

Секоја сезона е прилично добра да го посетите езерото Блаус. Друг интересен факт за ова езеро е тоа што многу ретко замрзнува, но често во зимските денови е покриено со снег, па според тоа, на посетителите им приредува фантастична глетка. За време на пролетта и летото, одблесокот на езерото исто така привлекува доста туристи кои сакаат да ја доживеат оваа Швајцарска убавина и да направат одлични фотографии.

Слика 4.

Користена литература:
www.myswitzerland.com/en–ch/destinations/blausee/
www.swissvistas.com/blausee.html
www.amazingplaces.com/switzerland/lake-blausee/

Изработила: Ивана Крстова – студент на наставна географија