Една од најубавите европски метрополи – Виена
оригинално објавено на: 05.01.2018
Виена е главен град на Република Австрија и е една од деветте сојузни покраини на државата. Виена се наоѓа во североисточна Австрија, блиску до Словачка, Чешка и Унгарија. Градот има население од 1,753 милиони жители и моментално е најголемиот град во државата, а претставува и нејзин културен, економски и политички центар. Дури 49% од жителите се католици, 26% се атеисти, 7,8% се муслимани, 6,0% се православни христијани, 4,7% се протестанти, 0,5% се евреи, 6,3% припаѓаат на друга вероисповед или не се заведени.
Градот Виена е сместен на најисточниот продолжеток на Алпите во Виенската Котлина. Најраната населба, на територијата на денешниот современ град, била јужно само на јужниот брег на Дунав, додека денес градот се простира на двете страни од реката. Надморската височина се движи помеѓу 151 m и 524 m.
Според класификацијата на Köppen, Виена има морска клима. Градот има топли лета со средни високи температури од 24 до 33°C. Зимите се релативно студени со средни температури кои достигнуваат точка на замрзнување. Снежната покривка во Виена, најчесто се задржува од декември до март. Пролетта и есента главно се пријатни и благи. Врнежите генерално се умерени во текот на годината и нивниот просек изнесува 550 mm.
Во хидрографски поглед, главна река во Виена е Дунав. Во Виена, Дунав е сеприсутен – без разлика дали е во форма на Национален парк „Стариот Дунав“, Остров Дунав или Дунавски Канал. Населението во Виена го користат за рекреација, игри и спорт или за пријатни часови во кафулињата, баровите и рестораните на Стариот Дунав и островот Дунав.
Национален Парк „Стариот Дунав“
Националниот парк „Дунав-Ауен“ (германски: Nationalpark Donau-Auen) покрива 93 km2 . Опкружен со градини, тревници, ресторани со тераси на вода, шеталишта со пешачки и велосипедски патеки, „Стариот Дунав“ привлекува пливачи, морнари, веслачи и сурфери, како и голем број туристи.
Островот Дунав
За повеќето посетители, островот е познат како рекреативен простор со барови, ресторани и ноќни клубови. Има можности за спорт од ролери, велосипедизам и пливање до кајакарство. Постои една плажа која на почетокот ја почувствувале толку егзотична што ја нарекле „Копа Чаграна” како хумористична алузија на Копакабана во Рио де Жанеиро.
Donauinselfest е меѓународно познат годишен фестивал на отворено и најголем европски настан од овој вид, со над 3 милиони посетители. Се одржува кон крајот на јуни (од петок до недела).
Дунавски Канал
Дунавски канал е поранешна рака на реката Дунав, сега регулирана како воден канал (од 1598 година). Долг е 17,3 km и за разлика од самиот Дунав, се граничи со центарот на Виена каде што се влева во реката Виена.
Култура и уметност
Културата и уметноста имаат долга традиција во Виена, вклучувајќи ги театарот, операта, класичната музика и ликовната уметност. Бургтеатарот се смета за еден од најдобрите театри во германскиот свет, заедно со неговата гранка Академитеатарот. Народниот Виенски Театар и Театар ин дер Јосефстадт, исто така имаат добра репутација. Виена е дом и на голем број на оперски куќи, вклучувајќи ги театарот на виенската река, Националната Виенска Опера и Народната Опера на Виена каде што се изведува типична виенска оперета. Класичните концерти се изведуваат во добро познатите арени како Музикфераин, кој всушност претставува седиште на виенскиот филхармониски оркестар, како и Конзертхаус.
Историски најзначајните музејски експонати денеска се чуваат во палатата Хофбург. Меѓу најзначајните е ризницата на Хабсбуршката династија, дел на целосни збирки од собрани експонати од првостепено значење меѓу кои се издвојува круната на Светото римско царство, како и царската круна на Австриското царство.
Во Виена се наоѓа и т.н. „Музеј Сиси“ кој е посветен на австроунгарската кралица Елизабета, а исто така, тука се наоѓа и Националната библиотека на Австрија.
Виена е една од најубавите европски метрополи, па доколку ја посетите, нема да ви биде ниту малку досадно, затоа што градот, како што и претходно е споменато, нуди огромен избор за забава и рекреација.
Извори:
www.praterwien.com
www.visitacity.com
www.wien.gv.at
www.wien.info
Автор: Славица Тенекиџиева, дипломиран географ