Еден од најубавите национални паркови во светот „Јосемит“
оригинално објавено на: 14 Mar 2012
Јосемит е еден од најголемите паркови во Сиера Невада во кој егзистираат разновидни растенија и животни. Националниот парк ги опфаќа источните делови на Телуме, Марипоса и Медера окрузи во источниот дел на централна Калифорнија. Паркот зафаќа површина од 761 268 хектари (3 080 74 км2 ), а се наоѓа на надморска височина од 648 до 3997м и содржи пет зони на вегетација: дабови шуми, долна планинска зона, горна планинска зона, субалпска и алпска зона. Во Калифорнија има околу 7000 видови растенија, околу 50% од нив ги има во Сиера Невада, а од нив повеќе од 20% ги има во Јосемит. Постои соодветна документација дека 160 ретки видови на растенија опстојувале во паркот благодарејќи на ретките геолошки формации и карактеристичната почва. Од геолошки аспект Јосемит го карактеризираат гранитни карпи. Сиера Невада како планински масив почнала да се издигнува пред 10 милиони години. По речните корите почнале да се формираат длабоки и тесни кањони. Пред околу 1 милион години акумулираните глечери од снег и мраз од високите алпски пасишта почнале да се движат надолу по речните долини. Еден од тие глечери за време на раната глацијација достигнал височина од 4000 стапки (1,200 м). При движењето на тие глечери се создале валови кои претставуваат природна атракција и привлекуваат огромен број на посетители. Јосемит над 3.7 милиони луѓе го посетуваат секоја година, а најмногу посетителите се задржуваат во 18 м2 од целиот парк. Јосемит за светско природно наследство е прогласен во 1890, а својата титула ја добил поради спектакуларните гранитни карпи, водопади, потоци, шумскиот џин Секвојата и разновидниот биолошки диверзитет.
Јосемит е дом на безброј водопади. Најдобро време за набљудување на водопадите е во текот на пролетта кога поголемиот дел од снегот се топи. Некои од водопадите во текот на летото сосема пресушуваат, а тоа се случува најчесто во месец август. Во текот на зимскиот период околу рабовите на водопадите најчесто се формира мраз. Еден од Јосемитските водопади претставува и еден од најголемите во светот. Јосемитскиот водопад се состои од три дела: Горен пад со височина 430м, среден пад составен од повеќе каскади со височина од 204м и долен пад со височина од 96м. Јосемитскиот водопад може да се види од повеќе места во паркот, а најдобро за набљудување е околу селото Јосемит каде што има направено посебна платформа за набљудување.
http://en.wikipedia.org/wiki/Yosemite_National_Park
http://www.nps.gov/yose/naturescience/sequoia-research.htm
http://www.nps.gov/yose/planyourvisit/waterfalls.htm http://www.nps.gov/yose/index.htm
Напишал:Глигорије Џилвиџиев