22 January 2025
АрхиваСвет

Дубаи – градот на раскошот во Арабиската Пустина!

оригинално објавено на: 11.09.2020

Дубаи е град, но воедно е и еден од седумте емирати во Обединетите Арапски Емирати. Сместен е во средишниот дел на Арабиската Пустина, во југоисточниот дел на Персискиот Залив на површина од 4114 km2. Според последните податоци за населението, во него живеат околу 2.300.000 жители, од кои само 17% се Арапи кои се автохтоно население. Најголема популациска група се Индијците со околу 40%, потоа Пакистанците 13%, Бангладежани, Филипинци, Иранци, голем број на Руси и др Европејци. На чело на Дубаи е шеикот Мохамед бин Рашид ал Мактум, кој има најмногу заслуга за просперитетот на овој град и затоа денес важи за најмодерен и најмонденски емират. Тоа е воедно единствениот емират во кој можете да го почуствувате европскиот дух и начин на живот, што не е случај во преостанатите емирати.

Се до 18 век Дубаи бил мало рибарско село во кое населението било сиромашно, се занимавало со риболов и експлоатација на дијаманти од морското дно. Тоа е делот наречен Деира, каде и се наоѓа првата резиденција на шеиците, владателите од семејството Ал Мактум. Денес тоа е стариот дел на Дубаи во кој се наоѓаат повеќе банки и осигурителни компании, иако се чувствува и арапската традиција. Во овој дел на градот поморскиот сообраќај сеуште се одвива со помош на мали традиционални дрвени чамци, познати под името Абра. Преку Дубаи Крик (канал) се одвивала најголемата поморска трговија како во минатото, така и денес. Со Бур Дубаи и пловидбата по Дубаи Крик може да ја почувствувате јасната и топла Арапска ноќ.Огромни дрвени бродови натоварени со разни производи пренесуваат разновидна стока низ цел Свет. Тука се наоѓаат илјадници мали продавници за електроника, текстил, зачин и сл. Трговијата ја обавуваат Индијци, Пакистанци, Иранци, Турци. Тоа е место каде можат да се пробаат различни традиционални кујни: Иранска, Индиска, Пакистанска кујна.

Слика 1.

Дубаи исто така го нарекуваат Златен град. Имено, затоа што во Даира или стариот Дубаи се наоѓа Златниот Сокак (Golden Souk), кој е отворен 1940 година. На ова место може да се купува злато, бисери, рубини и дијаманти, а може да се види и најголемиот златен прстен во Светот тежок 63 kg, украсен со рубини и други скапоцени камења. Но, во Златниот сокак можат да се најдат многу други современи парчиња вредни златен накит изработен по последна мода, златен елек и секако друг раскош  од накит што може да посакате. Оттаму, меѓу трговците останала изреката: „Ако нешто не можеш да најдеш во Даира, не ќе можеш да го најдеш на друго место“.

Слика 2.

Дубаи својот развој го доживува во втората половина на 20 век, а посебно по 1990 година. Денес е монденско место кое привлекува милиони посетители секоја година, растејќи во височина и во должина. Многу футуристички, неверојатно и модерни архитектонски градби го красат овој бисер на Средниот Исток, кои нема да ги сретнете на ниту едно место во светот. Дубаи е синоним за највисоките, најскапите, најсовремени нај-нај-зданија. Во градба е најновата највисока кула во Светот висока 1000 метри и истата се претпоставува дека ќе биде завршена 2021 година.

Слика 3.

Со сите овие убавини и посебности, Дубаи е интересен за многу туристи, доживувајќи го како градот на златото и раскошот од една и светската трговија од друга страна, но и град во кој може да се почувствува вистинскиот дух на ориентот. Лесната достапност во користењето на авионскиот сообраќај (Fly Dubai, Emirates) е во прилог на развој на туризмот. Поради пустинската клима најдобар период за негова посета е од ноември до март кога температурите се попријатни. Но, надлежните се потрудиле за удобноста на посетитетелите во секој дел од годината. Се е климатизирано, а изградени се километри долги премини до најсовремените метро станици. Метрото во Дубаи е најсовремено автоматизирано, беспрекорно е организирано со кое можете да стигнете до секое посакувано место. Алтернатива е и такси превозот кој  е лесно достапен. Еден од поинтересните факти е тоа што Дубаи е град во кој нема криминал и е едно од најбезбедните места во светот. Национална валута е дирхам (1 дирхам е околу 14,16 денари).

Слика 4.

Имено, Дубаи е романтичен и раскошен град, а истото може да се почувствува преку пловидбата по Дубаи Крик, прошетките низ Даира и многу други начини со кои нуди романтично и незаборавно патување.

Изработила: Соња Симоноска